Македонски државјанин приложил лажен негативен тест за ковид-19 при влез во Косово, информира тамошната полиција. Откако бил приведен, осомничениот изјавил дека документот го купил од непознато лице на улица во една од скопските населби.
Настанот се случил завчера, 14 септември, во 14:50 часот.
„Уапсено е осомничено лице, маж, Албанец, државјанин на Северна Македонија, затоа што при преглед на документите тој приложил тест за ковид-19, за кој постои сомневање дека е фалсификуван. При испитувањето, осомничениот изјави дека документот го купил на улица во една скопска населба од непознато лице. Со одлука на надлежен обвинител, осомничениот е ослободен во редовна процедура“,
се вели во денешниот билтен на косовското МВР.
Во моментов, за влез на Косово за македонски државјани, е потребно да се приложи негативен ПЦР-тест за ковид-19. Минатата недела министрите за здравство на двете земји, Венко Филипче и Арменд Земај, разговараа за идните епидемиолошки предизвици што ги очекуваат Косово и Македонија, а една од темите беше и укинувањето на задолжителните ПЦР-тестови.
„Пред сè регионална работна група, која тековно ќе ги следи состојбите на теренот и ќе ги носи потребните одлуки. Веќе се познати членовите на работната група од нашите две земји, а сега ги чекаме и членовите од останатите земји од регионот, согласно нашиот договор од првиот регионален состанок од пред десетина дена“,
најави Филипче.
Министерот за здравство на Косово, Арменд Земај, по средбата изјави дека целта на посетата е унапредување на односите меѓу двете земји во областа на здравството.
„Успеавме да конкретизираме некои прашања. Се договоривме да продолжиме да работиме заедно во работни групи и да ја продолжиме соработката во интерес на двете земји. Оваа подготвеност покажува дека и натаму можеме да работиме заедно во одржување на здравјето на населението. Денес разговаравме и за другите епидемиолошки предизвици што нè очекуваат во иднина, како на пример, укинување на ПЦР-тестовите“,
рече Земај.