На церемонија во Приштина, организирана за еврејската Нова година, Хоти изјави дека Приштина и Израел ќе ги продлабочат односите во сите правци
Косовскиот премиер Авдулах Хоти вечерва најави дека Приштина наскоро ќе ги продлабочи дипломатските односи со Израел, како што е предвидено и со договорот што беше постигнат во Вашингтон, во присуство на српскиот претседател Александар Вучиќ.
На церемонија организирана за еврејската Нова година, на која преку порака израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху им се обрати на граѓаните и на припадниците на еврејската заедница во Косово, Хоти потенцираше дека во овој момент, овој датум е мошне важен, пренесе Клан Косова.
„Еврејската заедница на Косово е важна алка во овие односи. Наскоро ќе воспоставиме дипломатски односи со пријателската држава Израел“,
рече Хоти.
Косовскиот премиер додаде дека Приштина и Израел ќе ги продлабочат односите во сите правци.
Нетанјаху, во писмената порака, рече дека последните настани влеваат надеж дека претстои „нова ера“, од која ќе имаат корист и израелските и косовските граѓани.
„Оваа година подавам рака на пријателство на народот на Косово. Најновите случувања меѓу Израел и Косово може да ни помогнат да влеземе во нова ера од која ќе имаат корист и двете нации. Убеден сум дека можеме да постигнеме многу ако работиме заедно и искрено се надевам дека ќе го постигнеме тоа“,
се вели во пораката на израелскиот премиер, кој се наоѓа во Вашингтон, каде што во Белата куќа вечерва потпиша договор за воспоставување дипломатски односи со Обединетите Арапски Емирати и Бахреин.
На прославата на Еврејската Нова година во хотелот „Емералд“ во Приштина присуствуваа и претседателот на Косово Хашим Тачи, спикерот на косовското СобраниеВјоса Османи, како и поранешниот премиер и лидер на движењето Самоопределување Албин Курти.
Претходно, Тачи оцени дека само САД можат да донесат договор за меѓусебно признавање меѓу Белград и Приштина и дека сите други напори се залудни.
Тој рече дека со договорот за економска нормализација, потпишан на 4 септември во Белата куќа, американскиот претседател Доналд Трамп го постигнал невозможното, пренесува приштина Коха.
„Претседателот Трамп се потруди да го овозможи тоа. Тој го стори она што другите не го правеа 20 години. Убеден сум дека, покрај економската, може да се случи и политичка нормализација, а взаемното признавање е можно само во Вашингтон. Другите обиди се залудни. Тие губат време“,
рече Тачи.
Според него, признавањето на Косово од Израел ќе биде од корист и за земјите од регионот.
Минатата недела претседателот на САД се сретна со лидерите на Србија и Косово, кои се согласија да ги нормализираат економските врски меѓу нив, како и двете земји да отворат амбасади во Ерусалим.