Австрискиот канцелар Себастијан Курц не дозволува Австрија да прими бегалци од бегалски камп Морија, на грчкиот остров Лезбос, откако речиси целата инфраструктура на кампот е уништена во два последователни пожари.
Во видео – порака објавена на Фејсбук, Курц истакна дека не може да го прифати недостојниот систем за човештвото од 2015 година, кога почна мигрантската криза.
Тој најави дека Австрија ќе помогне на самото место за да се обезбеди достоинствено снабдување со луѓе.
„Не станува збор само за Морија, туку и за другите места во светот, кои не се во фокусот на јавниот интерес“,
рече австрискиот канцелар, додавајќи дека ќе се залага за унифициран пристап на ниво на ЕУ.
„Тоа што не ни треба е симболична политика“,
истакна Курц, алудирајќи на германско-француската иницијатива за прием на деца и млади од логорот Морија.
Според него, потребна е постојана поддршка за погодените региони, економска перспектива за африканскиот континент и ефективна заштита на надворешната граница на ЕУ.
Курц ги отфрла обвинувањата дека Австрија не прави ништо за бегалците и потсети дека Австрија годинава примила 3.700 деца, што е околу 100 деца неделно, кои добија позитивно решение за азил.
Грчките власти се обидуваат да најдат решение за 13 000 бегалци и мигранти кои се сместени во кампот Морија, чиј капацитет е 3 000, откако изминатите денови во два последователни пожари изгоре речиси целиот камп, а жителите со денови спијат покрај пат на отворено.
Пожарите се поврзуваат со лица кои при здравствена контрола биле позитивни на ковид, при што во знак на револт на одлуката за карантин, ги подметнале пожарите.