Двата пожара изминатите два дена, кои оставија најголем дел од 13 000 бегалци и мигранти под отворено небо, се поврзуваат со 35 лица кои биле позитивни на ковид-19 и кои одбиле да бидат ставени во карантин
Грчкиот премиер Киријакос Мицотакис денеска изрази жалење за ситуацијата во бегалскиот камп Морија на островот Лезбос, но рече дека мора да се преземат сите мерки за безбедност и за здравствена заштита. Неговата изјава следува откако во кампот избувнаа два последователни пожара, а грчките медиуми јавија дека попладнево уште на три точки во кампот биле подметнати пожари, што предизвикало паника кај жителите на кампот кои ноќта ја минаа на отворено.
Двата големи пожара се поврзуваат со 35-мина заболени со ковид-19 во кампот, кои реагирале на одлуката да бидат ставени во карантин.
„Ги ценам тешките околности, но сепак не може да има изговор за насилни реакции на здравствените проверки, особено не за такви немири. Ситуацијата во Морија не може да продолжи, бидејќи станува збор и за јавното здравје, и за хуманитарната и за и национална безбедност. На целиот остров е прогласена вонредна состојба, што значи дека сите национални ресурси и сите национални сили ќе бидат ангажирани за помош“,
се вели во изјавата на Мицотакис.
Мицотакис вели дека сите државни институции се мобилизирани, така што сите мигранти и бегалци ќе бидат сместени во соодветни шатори, оние што се позитивни на коронавирус ќе бидат третирани, а жителите на Лезбос ќе бидат заштитени. Ќе има забрана за напуштање на кампот, како и ограничувања на движењето и локалните активности.
„Ова е апсолутно неопходна мерка. И јас сум сигурен дека нашите жители на островот ќе сфатат и ќе се придржуваат до тоа“,
вели Мицотакис и повеќе детали најави за попладне.
Тој веќе ги информирал и европските власти бидејќи, како што вели, проблемот со управувањето со миграциските текови е првенствено европски, зашто Грција веќе се соочила со товар многу потежок од она што е нејзин удел.
Најави дека контролите на грчките поморски граници, кои се исто така европски граници, ќе се водат со истата ефикасност како досега со драстично ограничување на илегалниот влез, а откако ќе се процени штетата во Морија и во консултација со Европската комисија ќе се преземат и конкретни иницијативи.
За денеска е најавена посета на потпретседателот на Европската комисија, Маргаритис Схинас, на островот Лезбос.
По вчерашниот втор пожар во бегалскиот камп Морија на грчкиот остров Лезбос во кој изгоре голем дел од она што не беше уништено во првиот пожар завчера, илјадници бегалци и мигранти ноќта ја поминаа на отворено, на улиците во близина на најголемиот прифатен центар во Грција.
Семејства со мали деца, бебиња, лица со здравствени проблеми, преспаа на улиците, на паркинзите од супермаркети, во ниви, односно онаму каде што успеаја да најдат слободен простор.
На патот што води кон Митилини, каде што е и пристаништето, според локалните медиуми, постојат полициски блокади, со оглед на тоа дека од грчката влада вчера соопштија дека никој не смее да патува и да го напушти островот.
Во Морија, пред големиот пожар, беа сместени нешто помалку од 13 000 бегалци и мигранти, околу 3.000 во внатрешноста, односно во Центарот за прием и регистрација, а останатите со шатори во надворешниот, импровизиран камп.
Според вчерашните официјални изјави од надлежните министри од грчката влада, пред да избие вториот пожар беше предвидено да се најде сместување за оние 3 000 лица што останаа без покрив над глава откако изгоре целосно прифатниот центар.
Од Министерството за миграција и азил на Грција утрово соопштија дека во текот на денешниот ден ќе се спроведат сите неопходни активности за веднаш да се згрижат, пред сѐ ранливите категории бегалци и мигранти, а дел од нив веројатно ќе бидат привремено сместени во патнички брод, што за таа намена пристигна на островот.
Синоќа и утрово со директни летови од Лезбос до Солун беа префрлени вкупно 408 деца бегалци кои во кампот беа без придружба.
Пред заминувањето од Лезбос сите биле тестирани за ковид-19.