Илија Димовски, Зоран Илиоски, Лилјана Кузмановска, Благој Деспотовски, Слаѓана Митовска, Весна Пемова и Весна Дамчевка влегоа во судската зграда во својство на сведоци предложени од одбраната Трајко Вељаноски
Седуммина пратеници на ВМРО-ДПМНЕ од минатиот пратенички состав утрово дојдоа во Основниот кривичен суд во Скопје да сведочат за настаните од 27 април 2017 година во Собранието.

Илија Димовски, Зоран Илиоски, Лилјана Кузмановска, Благој Деспотовски, Слаѓана Митовска, Весна Пемова и Весна Дамчевка влегоа во судската зграда во својство на сведоци предложени од одбраната на нивниот бивш колега и експретседател на Собранието, Трајко Вељаноски, кој е обвинет како еден од организаторите на крвавиот четврток.

И на минатото рочиште за организацијата на 27 април сведочеа пратеници што беа дел од минатиот состав, исто така, по предлог на Вељаноски.

Тогаш во судницата зборуваа деветмина, од кои четворица се и во новиот собраниски состав : Никола Мицевски, Благица Ласоска Трајчо Димков, Драган Данев, Крсто Јовановски, Панчо Минов, Магдалена Манаскова, Иван Иванов и Иван Стоилковиќ.
Покрај Вељаноски, обвинети во случајот за организација на случувањата од 27 април се и ексминистрите Миле Јанакиески и Спиро Ристовски и поранешниот директор на Управата за безбедност и контраразузнавање (УБК), Владимир Атанасовски. Тие седат на обвинителна клупа за делото терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста.
Во истрагата за овој предмет беа опфатени и бившиот премиер Никола Груевски и ексразузнавачот од УБК, Никола Бошковски, кој беше споменуван како едно од лицата кои контактирале и соработувале со Нинџа. Двајцата избегаа од државата, Груевски во Унгарија, а Бошковски во Грција, па кога обвинителката Вилма Русковска го поднесе обвинителниот акт, тие не беа на листата обвинети и беше соопштено дека постапката за нив ќе продолжи кога тие ќе бидат достапни на органите.