Јавното обвинителство поднесе обвинение против 11 лица, меѓу кои и поранешниот министер за транспорт и врски, Миле Јанакиески за незаконска продажба на државно земјиште во центарот на Скопје, предмет познат како „Шпански скали“.
Тие се товарат за кривично дело злоупотреба на службената положба, а едно лице е обвинето за несовесно работење во службата, односно за незаконитости во продажбата на четири атрактивни локации во центарот на Скопје, покрај Вардар.
Истрагата на ОЈО беше отворена во јуни годинава.
Јанакиевски, како првообвинет, и вработени во Министерството за транспорт и врски, во Катастар, нотари и бизнисмен, се осомничени дека склучиле 4 договори за продажба на државно земјиште – на кое требало да се изградат хотелски комплекси. Една од парцелите била наменета за изградба на Шпанските скали.
Според ОЈО, тие во периодот од 21.12.2010 година до 08.08.2018 година, со неизвршување на своите службени должности, постапиле спротивно на одредбите од Законот за изменување и дополнување на Законот за градежно земјиште и не иницирале постапка за раскинување на Договорите за оттуѓување на градежно земјиште и враќање на градежното земјиште во државна сопственост, ниту наплатиле договорна казна со што овозможиле купувачите да се стекнат со противправна имотна корист.
Во предметот се обвинети и две службени лица кои вршат работи од јавен интерес и кои со неизвршување на својата службена должност, постапиле спротивно на Договорот за оттуѓување и Законот за нотаријат, едно лице, сопственик на правно лице, кое како соизвршител со особен придонес учествувало во извршување на делото доставувајќи вешти наоди и мислења изготвени по негово барање со прикажана состојба на земјиштето спротивно од констатираното од страна на Општина Центар, едно лице кое во својство на службено лице неводејќи сметка за имотните права и интереси на државата и неизвршувајќи ја својата службена должност, постапило спротивно на одредбите од Законот за државното правобранителство, како и едно службено лице кое со пропуштање на должен надзор – без да утврди дека во приватната исправа – Договорот за оттуѓување на градежно земјиште било предвидено прибележување на реален товар над земјиштето во корист на оттуѓувачот, несовесно постапило во вршењето на своите овластувања и не ги почитувало одредбите од Законот за катастар на недвижностите, по кои било должно да постапува.
Се работи за земјиште со вкупна површина од повеќе од 26.000 метри, а Буџетот, според обвинението, е оштетен за околу 2,6 милиони евра.

Во февруари во 2018 година, од општина Центар градоначалникот Саша Богдановиќ го поништи решението за изградба на „Шпанските скали“ на плоштадот „Македонија“.
Надлежните во општината констатирале, дека инвеститорот во рок од две години по правосилноста на решението, колку што пропишува Законот за градење, не започнал со изградба на објектот, повикувајќи се на членот 66 став 1 од Законот.
Дозволата за изградба на овој објект Општина Центар ја издаде во 2015 година, а советниците на Град Скопје, дадоа зелено светло за Шпанските скали, бидејќи површината на која тие требаше да се градат е под надлежност на Градот. Според идејното решение, кое го обезбеди тогашниот министер за транспорт и врски, без да го објави авторот, зградата, во чиј склоп ќе бидат и скалите требаше да биде висока 16 метри, односно приземје плус 3 ката.
На електронската аукција фирмата понуди 93.100 денари за метар квадратен или вкупно 1.580.000 евра за парцелата од 1046 квадрати за објект за комерцијални и деловни намени во стил на барок.
За изградба на барокната зграда инвеститорот беше ослободен од комуналии од тогашното мнозинство во Советот на Град Скопје.