Владејачката партија го обвинува Христијан Мицкоски дека, како поранешен директор на ЕЛЕМ, е директно одговорен за стопроцентното покачување на струјата и за укинувањето на евтината тарифа во тој период
Десетина дена по изборот на новата влада, опозицијата излегува на протести, во период кога раководството на ВМРО-ДПМНЕ е соочено со сѐ погласни барања од поранешни партиски функционери за свикување вонреден конгрес
Христијан Мицкоски, како поранешен директор на ЕЛЕМ, има директна одговорност што цената на струјата се покачи за 100 отсто за време на владеењето на ВМРО-ДПМНЕ, обвинија претпладнево од СДСМ, неколку часа пред почетокот на првиот од серијата протести што ги најави опозицијата, а кој е посветен на последното поскапување на електричната енергија за 7,4 отсто.
„Зголемување на цената на електричната енергија за 100 отсто, укинување на евтината тарифа на струјата, зависност на државата од увоз на струја… се достигнувањата на Христијан Мицкоски како директор на Електрани (ЕСМ/ЕЛЕМ) и советник за енергетика на Никола Груевски“,
посочуваат од СДСМ.
Според владејачката партија, Мицкоски е најнеспособниот директор на ЕСМ, кој водел најлоша енергетска политика и, наместо на граѓаните, мислел само на своите бизниси со хидроцентралите, кои ги добил од владата во која беше советник и кои профитирале безмалку милион евра.
„Затоа е лажна неговата загриженост за цената на струјата и затоа е лицемерен неговиот протест денеска кој е со единствена цел – да си ја одбрани фотелјата во белиот дворец“,
велат од СДСМ.
Оттаму уште додаваат дека, за разлика од неодговорниот однос на ВМРО-ДПМНЕ и Мицкоски, сега ЕСМ не купува електрична енергија, туку продава енергија на европските пазари и за две години продаде енергија во вредност од 40 милиони евра.
„Оваа компанија сега има добивка од 80 милиони евра, за разлика од загубите во времето на владеењето на ВМРО-ДПМНЕ. Граѓаните денес користат дневна евтина тарифа на струјата, истата онаа што Мицкоски ја укина и на чие повторно воведување, ВМРО-ДПМНЕ силно се противеше“,
потенцираат од СДСМ.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ минатата седмица, само неколку дена по изборот на новата влада на СДСМ и на ДУИ, најави дека опозицијата, практично, излегува на улица и дека во наредниот период ќе организира повеќе протести. Тој повика на формирање широк опозициски фронт против власта.
Одлуката за поскапување на струјата за 7,4 проценти ја донесе Регулаторната комисија за енергетика, кон крајот на јули или две седмици по парламентарните избори на 15 јули. Оттогаш низ повеќе градови во земјата се одржаа граѓански протести, а сега и ВМРО-ДПМНЕ одлучи, на протест, да демонстрира револт за повисоката цена на електричната енергија.
Десетина дена по изборот на новата влада, опозицијата излегува на протести, во период кога раководството на ВМРО-ДПМНЕ е соочено со сѐ погласни барања од поранешни партиски функционери за свикување вонреден конгрес. Според Иницијативниот одбор за вонреден конгрес на ВМРО-ДПМНЕ, Мицкоски и целото раководство на партијата треба да понесат одговорност за изборниот пораз на 15 јули.