Платежна картичка за купување домашни производи беше дел од третиот сет економски мерки кои имаат за цел да ја заживеат економијата во фазата на нејзино постепено реотворање. Граѓаните реагираа и за кусиот рок до кога требаше да ги потрошат парите.
Над 20 илјади картички останаа неискористени од мерката домашна платежна каричка. Банките ги изготвиле, но граѓаните од различни причини не ги подигнале, велат за Алсат од Министерството за финансии.
Најчесто платежната картичка не се искористила бидејќи корисниците се во странство, ненадејно починале или решиле да не ги подигнат, поточно да ги донираат. Парите кои останаа неискористени ќе се вратат назад во државната каса.
Најголема реализација на домашната картичка има кај невработените. Па така доделени се:
113.000 картички на невработени лица
111.000 картички на вработени со ниски примања
81.000 картички на млади
4.000 на медицински лица.
Министерката за финансии, Нина Ангеловска, на фејсбук објави дека вкупниот реализиран промет со картичките изнесува 26,5 милиони евра – средства инјектирани во економијата во период 2 месеци, преку граѓаните кај домашните компании за купување македонски производи и услуги. Таа вели дека граѓаните кои ги имаат домашните платежни картички ќе можат и понатаму да ги користат како нормални дебитни картички.
Домашната платежна картичка беше дел од третиот сет економски мерки кои имаат за цел да ја заживеат економијата во фазата на нејзино постепено реотворање. Граѓаните реагираа и за кусиот рок до кога требаше да ги потрошат парите на картичката, имајќи во предвид дека некој од нив ја подигнаа на денот кога и требаше да ја потрошат.
