Претседателот на албанскиот парламент, Грамоз Ручи, му го честиташе реизиборот за спикер на македонскиот парламент на Талат Џафери, оценувајќи дека неговиот повторен избор е потврда за зрелоста и еманципацијата на албанската политичка елита во Република Северна Македонија.
„Ви упатувам најсрдечни честитки по повод вашиот реизбор, од мое лично и од име на Собранието на Република Албанија. Вашиот реизбор претставува потврда за зрелоста и еманципацијата на албанската политичка елита во Северна Македонија и нејзината одговорност за консолидација на демократијата, изградбата на праведно општество, економски и општествен развој и забрзување на евроатланските интегративни процеси на Северна Македонија. Убеден сум дека успешната соработка меѓу Собранието на Република Албанија и Собранието на Република Северна Македонија ќе продолжи многу наскоро и со задоволство ве поканувам во официјална посета на Албанија, што е можно поскоро и во согласност со вашата агенда“,
стои во честитката.
Џафери, во посета на Албанија беше на 17 февруари, минатата година, во рамки на разгледувањето на Протоколот за пристапување на Северна Македонија во НАТО во албанскиот парламент. Тој се сретна со неговиот колега Ручи, а учествуваше и на пленарната седница на албанскиот парламент, на која беше ратификуван Протоколот за пристапување на нашата земја во НАТО.
*поврзана вест: Одлуките на Собранието експресно објавени во „Службен весник“
