И бугарскиот премиер Бојко Борисов се огласи по повод тригодишнината од Договорот за добрососедство кој го потпишаа тој и поранешниот премиер Зоран Заев.
Борисов порача дека Бугарија ќе продолжи да ја поддржува земјата, но и дека европските интеграции значат дека мора да се исполнат обврските од договорот.
„Договорот за пријателство, соседство и соработка со Република Северна Македонија претставува историски чекор во односите меѓу двете земји. Знак дека сме научиле од грешките од минатото и сме подготвени да работиме за безбеден и стабилен Балкан во иднина. Европските интеграции гарантираат мир и просперитет, Бугарија останува доследна во поддршката на европската иднина на Република Северна Македонија, но ова исто така значи и строга усогласеност со добрососедските односи и обврските кои произлегуваат од Договорот“,
напиша Борисов на Фејсбук.
Се огласија и од бугарското МНР оценувајќи дека успехот постигнат пред 3 години го отвори патот за европска интеграција на Македонија и нејзино членство во НАТО.
Европската перспектива е таа што ги обединува сите на Балканот и е клучен двигател за реформи, постигнување стабилност и економски просперитет, јави „Бгнес“ цитирајќи го документот.
„Бугарија останува цврсто убедена дека европскиот проект нема да биде завршен без пристапување на нашите соседи во регионот. Ја поздравуваме одлуката донесена во март годинава за почеток на преговори за членство со Албанија и Република Северна Македонија. За Бугарија, главниот критериум за подготвеност за приближување кон ЕУ останува одржувањето на искрените добрососедски односи, заедно со владеењето на правото и основните права. Ние веруваме во добрососедските односи како основна европска вредност и во таа смисла целосното и совесно спроведување на Договорот од страна на Република Северна Македонија е клучен услов за понатамошниот напредок на земјата кон интеграцијата во ЕУ“,
пишува во соопштението.
Со потпишувањето на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка на 1 август 2017 година, Република Бугарија и Република Северна Македонија
Бугарското МНР потсетува дека со потпишување на договорот двете земји направија важен чекор за воспоставување на меѓусебните односите на соодветно ниво како односи меѓу најблиски соседи и пријатели. Тие ветија дека ќе работат на зајакнување на економската соработка и инфраструктурната поврзаност, зајакнување на образовните и културните врски и контакти меѓу бизнисот и луѓето од двете страни на границата.
Се нагласува и дека еден од најважните аскети е работата на Заедничката мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања. Во овој контекст, Бугарија очекува Комисијата во најскоро време да ги продолжи своите активности и да оствари вистински напредок во својата работа врз основа на објективно толкување засновано на автентични историски извори засновани врз докази.
„Денес, политичарите од двете страни имаат задача да покажат одговорност и да го потврдат изборот што го направија пред 3 години и, врз основа на нашето заедничко минато, да ја изградиме нашата заедничка европска и евроатлантска иднина“,
соопшти Министерството за надворешни работи на Бугарија.