Три години од Договорот со Бугарија: Заев порача дека договорите ни ги донеле НАТО и преговорите со ЕУ
Перспективите на договорите со Бугарија и со Грција ни го донесоа членството во НАТО и преговорите со ЕУ, порача лидерот Зоран Заев кој точно пред три години како премиер заедно со бугарскиот колега Бојко Борисов го потпишаа Договорот за пријателство, добрососедство и соработка.
„Покажавме политичка волја за прогрес, за решавање на отворените прашања и направивме историски чекор напред. Создадовме модел со кој го поставивме споделеното минато како темел за подобра иднина и подобар живот на нашите граѓани. Перспективите на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка со Бугарија, а подоцна и Договорот од Преспа со Грција, ни ги донесоа членството во НАТО, отворениот процес за преговори за членство во ЕУ, но и ко-претседавањето на Берлинскиот процес годинава со што за првпат земја која не е членка на ЕУ, зазема лидерска позиција во оваа регионална програма на ЕУ за Западен Балкан“,
вели Заев.
Преку овој Договор, вели Заев, се определиле за спречување на злонамерната пропаганда, заедно да се борат бидат против говорот на омраза и да го поразат национализмот.
Лидерот на СДСМ порачува дека Договорот ги обврзува владите на двете земји безрезервно да бидат посветени на развојот и напредокот на односите помеѓу двете земји.
Успехот постигнат со овој чекор, оценува Заев, стана инспирација и модел за соработка за регионот и пошироко, а македонскиот народ и сите граѓани на Северна Македонија ги потврдиле своите најблиски сојузници на европскиот и прогресивниот пат кон подобра иднина.