Министерот за надворешни работи, Никола Димитров, по повод три години од потпишувањето на Договорот за добрососедство со Бугарија, порача дека градењето на вистинско пријателство е макотрпен, но благороден процес.
Тој сподели и изрека од непознат автор која гласи: „Пријател е оној кој го разбира твоето минато, верува во твојата иднина и те прифаќа баш таков каков што си.“
„Токму оваа мудрост, применета и од македонска и од бугарска страна, со трпение и зрелост, ќе нè носи напред. Да најдеме разбирање за минатото, да работиме на иднината и да се прифатиме какви сме и кои сме во сегашноста. Градењето вистинско пријателство е макотрпен, но исклучително благороден процес. Ако одиме по тој пат, заедничката историја ќе ни се насмевнува, а заедничката европска иднина ќе нè пречека“,
порача Димитров.
Пораката министерот ја испрати преку социјалните мрежи објавувајќи фотографија на која е заедно со поранешниот премиер и лидер на СДСМ, Зоран Заев, кој е потписник на договорот, како и бугарската министерка за надворешни работи Екатерина Захариева.