РКЕ ќе им предложи на идните Влада и Собрание да го намалат ДДВ за електрична енергија од 18 на 5 отсто
Регулаторната комисија за енергетика денеска не донесе одлука за цената на парното греење што го плаќаат скопјани. Како што истакна Бислимоски, одлуката не е донесена заради сериозните забелешки што ги имале од БЕГ, а кои немале време да ги разгледаат.
„Согласно измените што ги направивме на правилниците на почетокот на јуни, имаме можност одлуката да ја донесеме во текот на август и сигурно ќе ја донесеме. Имаме сериозни разидувања со БЕГ во однос на нивните трошоци за набавка на топлинска енергија од ТЕ-ТО и во одреден дел кај другите трошоци. Сакаме во разумна и релаксирана атмосфера да си ги размениме аргументите и фактите со БЕГ и да донесеме одлука што ќе биде правична и за граѓаните и за компаниите“,
потенцира Бислимоски.
Цената на електричната енергија што ја плаќаат домаќинствата на регулираниот пазар, пак, се зголемува за 7,42 отсто, а граѓаните и понатаму ќе можат да ја користат евтината тарифа во истите период како и досега.
Цената на ЕЛЕМ се зголемува за 10,74 отсто, цената за пренос на МЕПСО за 12,5 проценти, а цената за дистрибуција е зголемена за 2,8 отсто, додека делот на снабдувањето кај „ЕВН хоум“ е намален за 7,71 процент. Врз цената немаат влијание новите вработувања и опремувања со нов мебел.
Поскапување на струјата, како што рече Бислимовски, побарале сите електроенергетски компании заради проблемите што ги предизвика кризата со коронавирусот. ЕСМ, додаде, има намалување на приходите од продажба на вишоци на електрична енергија од 17 милиони евра, а МЕПСО намалување на приходите за пренос од 11 милиони евра од транзит на електрична енергија за странство.
„’Електрани на Северна Македонија’ оваа година има драстично и сериозно намалување на продажбата на вишоци на електрична енергија што најмногу одеа за извоз и тој пад е од 17 милиони евра. МЕПСО, како преносен електросистем оператор, од прекуграничните преносни капацитети кои ги доделуваше на аукции има намалување од 11 милиони евра, а исто така соодветно влијание има и промената на потрошувачката пред се намалувањето на потрошувачката кај индустриските и комерцијалните потрошувачи“,
посочи Бислимоски.
Забелешки за цената, како што посочи, добиле од сите три енергетски компании за кои ја формираат цената, но додаде дека во новата цена има загарантирани приходи за нив. Доколку во целост ги прифатевме нивните забелешки,прецизира, цената на електричната енергија ќе се зголемеше од 22 до 23 отсто.
Тој најави дека РКЕ ќе им предложи на идните Влада и Собрание да го намалат ДДВ за електрична енергија од 18 на 5 отсто. Тоа, како што рече, ќе го направат во консултација со Министерството за финансии за да видат како ќе влијае на Буџетот.
„Знам дека со оваа одлука влијаеме врз крајните потрошувачи и тоа приближно на една просечна потрошувачка од 1 500 денари сметка зголемувањето на месечните трошоци ќе биде за приближно 100 денари. Еден од начините да се надмине оваа ситуација со зголемувањето на цената на електричната енергија е зголемување на субвенциите за ранливите категории на потрошувачи или, пак, може да се прават и соодветни анализи во однос на ДДВ, како што се случи минатата година со ДДВ на топлинска енергија, кој се намали од 18 на 5 проценти, односно тоа влијаеше и на намалување на цената некаде за 12 проценти“,
рече Бислимоски.