Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) е пред одлука за цената на електричната енергија. Таа утре ќе се определи за тоа какво ќе биде сценариото за спас на енергетските компании во земјава кои имаат проблем со работењето.
Претседателот на РКЕ, Марко Бислимоски, потврди дека сите енергетски компании во земјава побарале зголемување на цената на електричната енергија поради зголемените трошоци и намалената потрошувачка, како и проблемите со ликвидноста што ги предизвика пандемијата на ковид-19.
Одлуката за цената за струјата требаше да биде донесена на крајот на минатиот месец и да важи од 1 август, но поради предвремените парламентарни избори нејзиното носење е одложено за утре, а цената ќе важи од 1 септември.
Во исто време, неофицијално, како алтернатива, се размислува и за укинување на евтината тарифа, која беше воведена пред две години, како исполнување на предизборно ветување дадено од СДСМ и нејзиниот лидер Зоран Заев.
Во регионот цената на струјата од септември ќе расте и во Србија, каде што ќе биде зголемена за речиси 8 отсто. Во последните две години цената на струјата континуирано расте во најголем дел од земјите од Европа.
Според најавите, утре се очекува да биде намалена цената што ја плаќаат скопјани за парното греење.