Според ЦЈЗ, од почетокот на пандемијата, вирусот е регистриран во вкупно 19 конфекции во градот
Ковид-19 влезе во уште една штипска конфекција. Денеска, како што јави МИА, е регистриран еден случај во нова фабрика.
Директорката на Центар за јавно здравје-Штип, Марија Димитрова, вели дека, според нивните анализи, од почетокот на пандемијата, вирусот е регистриран во вкупно 19 конфекции во градот.
Според пристигнатите резултати од тестирањето, се очекува денеска бројката на новозаразени да биде околу 15, со што за разлика од минатите денови се бележи мал пад.
Состојбата во штипското комунално претпријатие „Исар“, каде што деновиве се откриени тројца заразени со коронавирусот, е стабилна. Димитрова вели дека по направената епидемиолошка анкета контактите на заразените се ставени под контрола, за да не се шири вирусот.
Портпаролката на Клиничка болница-Штип, Марина Шуманска, информира дека на Инфективното одделение моментно се лекуваат 49 пациенти, од кои петмина се новопримени, а вкупно девет пациенти се со повремена кислородна поддршка.