Општината ќе ја спушти рампата за камионите на комуналните претпријатие од другите општини кои носат отпад на регионалната депонија Русино. Оваа одлука ја соопшти градоначалникот на општина Гостивар, Арбен Таравари, кој вечерва учествуваше на јавната дебата за депонијата.
„Ова е многу значајно, бидејќи за работите кои се однесуваат на граѓаните јавно се дебатира. Тоа досега не се правело. Поканивме компетентни луѓе за да дадат одговори. Вечерва расчистивме и многу дилеми. По дебатата дојдовме до заклучок дека Русино ќе биде отворено само за отпадот од општина Гостивар. За ваквиот исход им најавив и на колегите од Врапчиште и Маврово Ростуше да не праќаат камиони со отпад“,
рече Таравари.
Градоначалникот напомена дека во наредниве денови ќе се разгледаат можностите за да се организира и референдум на кој граѓаните ќе се изјаснат дали Русино и натаму ќе опстои како регионална депонија.
Дебата ја организираше токму локалната самоуправа откако изминатите два месеци се случија неколку пожари на депонијата, а се организираше и протест од Граѓанска иницијатива „Стоп Русино – чист воздух за Гостивар“.
И тие, како и дел од граѓаните беа дел од дебата. Повеќето ги критикуваа властите дека недоволно се грижат за здравјето на луѓето и дека наметнуваат решенија кои се штетни и неодржливи на подолг рок. Мнозинството беа јасни во барањето да се затвори депонијата.
Еко-активистите најавија дека ќе го блокираат патот кон депонијата, а од локалната самоуправа побараа да најде начин да го изгасне огнот и да спречи ново палење.
За депонијата Русино, која ја користат девет општини од Полошкиот Регион, членовите на граѓанската иницијатива „Стоп Русино – чист воздух во Гостивар“ изминатиот период објавија бројни и видеа за состојбата и ги предупредуваат сограѓаните кога има енормна загаденост.
Последниот протест го организираа во четвртокот, а поддршка даде и градоначалникот Таравари.
По реакциите во јавноста, вчера со соопштение за депонијата излегоа и од Владата порачувајќи дека надлежностите се во рацете на Општина Гостивар и така ќе биде додека не започне да функционира јавното регионално претпријатие.
За доизградба на регионалната депонија Русино стојат на располагање 1,9 милион швајцарски франци доделени како грант од швајцарскиот државен секретаријат за економски прашања за проектот наречен „Управување со цврст отпад во Полошкиот Регион“. Се требаше да биде изведено во три фази.
„Целта е да придонесеме за чиста и здрава животна средина. Целиот процес ќе се изведе во три фази. Првата фаза треба да заврши догодина (во 2020 година н.з.) и ќе се однесува на решавање на најсериозните влијанија на депонијата Русино врз животната средина преку изградба на насипи и ровови и рециркулација на исцедните води, а ќе се работи и на зголемување на јавната свест и ќе се овозможи подобро собирање на сметот преку набавка на контејнери. Втората фаза од доизградбата на депонијата Русино ќе трае од 2021 до 2026 година. Вкупната вредност на првата и втората фаза ќе изнесува еден милион и 900 илјади швајцарски франци“,
изјави Јан Герит Тесинк, тим лидер за подготовка на програмата, на 9 октомври 2019 година.