Коалицијата Алијанса-Алтернатива не ја исклучува можноста да биде дел од новата владина коалиција во која би учествувала и ДУИ, иако смета оти тоа би било многу тешко.
„Ние не исклучуваме никого, но исто така сме кажале дека со ДУИ во влада ќе биде многу тешко, можеби неизводливо. Сепак, ќе оставиме на политичките лидери. Знаете какви се бројките и можностите, има многу варијанти“,
изјави портпаролот на коалицијата Алијанса-Алтернатива, Шефик Дураку, на денешната прес-конфернеција во Централниот штаб.
Прашан за тоа дали разговараат со некои партии за можно коалицирање, Дураку нагласи дека и како коалиција, но и поединечно политичките партии Алијанса за Албанците и Алтернатива отсекогаш редовно комуницирале со сите политички партии – и од албанскиот и од македонскиот блок.
„Тие контакти продолжуваат. Нема нешто ново. По официјалните резултати што ги објави ДИК, сигурно, сега следува периодот кога треба да почнат разговорите за формирање на владата. Нема нешто конкретно, нема нешто ново. Чекаме претседателот на државата да го додели мандатот и после е право на мандатарот со кого ќе разговара и со кого ќе состави влада“,
изјави Дураку.
Изјавата на Дураку за коалицирање со ДУИ е „помека“ од досегашните ставови на генералниот секретар на Алијансата на Албанците, Арбен Таравари, кој неодамна можноста за соработка ја нарече „невозможна мисија“.