По поранешната претседателка на Советот на Општина Центар, Јана Белчева-Андреевска, денеска и Асоцијацијата на архитекти на Македонија (ААМ) побара повлекување и преработка на планот за „Мал ринг“. Тие упатиле писмо до градоначалникот на Центар, Саша Богдановиќ, и до актуелната претседателка на Советот, Цветанка Симоновска, со укажување дека не смее да се дозволи во планот да останат спорни објекти од таканаречениот проект „Скопје 2014“.
„Како најголемо здружение на архитектите, ние се залагавме за институционална ревизија на проектот ’Скопје 2014’ и институционално справување со насилниот чин на промена на централното градско подрачје. Но, тоа не го дочекавме. Напротив, со овој предлог план, Вие давате институционална потврда и реафирмација на изградениот, но што е уште пострашно и на неизградениот дел од проектот ’Скопје 2014’. Нашата зачуденост е уште поголема бидејќи на 17 декември 2017 година донесовте одлука, која сѐ уште важи, за мораториум на градба во општината додека сите планови кои сметате дека се лоши не се ревидираат. Новите ревидирани планови ги носите по приоритет, притоа условите за приоритетот по кој се носат плановите никогаш не ѝ беше соопштен на јавноста. Бидејќи овој план е повеќе од 90% реализиран, ние како Асоцијација подразбираме дека приоритет за Вас е изградба на Споменикот Мајка Тереза (поставен врз ул. ‘Орце Николов’), т.н Шпански скали, потврда на додадениот трем на Стоковната куќа НАМА од арх. Славко Брезовски и потврда на статусот на заштита на Спомен-куќата на Мајка Тереза и Триумфалната порта, и со тоа конечно завршување на проектот ’Скопје 2014’“,
стои во барањето на Асоцијацијата.
Од Асоцијацијата нагласуваат дека имаат разбирање за комплицираните имотно-правни односи, но, според нив, овде се работи за објекти и земјиште во државна сопственост и објекти кои во својата срж, во најмала рака, се спорни.
„Поради тоа, сметаме дека за ваков предлог-план нема потреба од јавна презентација и јавна анкета пред спорните објекти да бидат исфрлени од планот. Јавна презентација на ваквиот планот беше веќе еднаш направена кога се презентираше проектот ’Скопје 2014’ во 2010 година“,
велат од ААМ.
За да го потсетат, архитектите на Богдановиќ му го испратиле и писмото од Вонредното собрание на ААМ, кое во 2010 година му било испратено до тогашниот премиер Никола Груевски во кое најостро се спротивставуваат на проектот „Скопје 2014“.
Градоначалникот на Центар вчера изјави дека тој нема да повлече планот. На забелешката дека ДУП е ставен на јавна анкета среде лето, Богдановиќ појаснува дека тоа го сторил бидејќи дури сега комисијата завршила со работа. Јавната презентација на предлог – планот е закажана за утре во 10 часот, а јавната анкета ќе трае 30 дена.