Лидерот на СДСМ на овие избори помина подобро „на свој терен“ во споредба со изборите во 2016 година кога за директен противник во „четворката“ го имаше Никола Груевски
Лидерот на СДСМ Зоран Заев оствари убедлива победа во родната Струмица како носител на кандидатската листа на колаицијата „Можеме“ во четвртата изборна единица.
Според резултатите што ги објави ДИК, предноста на „Можеме“ во Струмица е околу 3,8 илјади во однос на колаицијата „Обнова“, чиј носител на листа во четвртата ИЕ беше потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ Александар Николоски, кој е родум од Охрид, односно од петтата ИЕ.

И на ниво на целата изборна единица, во чиј состав се и Прилеп, Гевгелија, Кавадарци, Радовиш… доскорешниот премиер доби повеќе гласови отколку неговиот ривал од ВМРО-ДПМНЕ, но, сепак, од тој аспект неговата предност е мошне мала (околу 2,5 илјади гласови повеќе), односно помала отколку разликата што ја постигна во Струмица.
Резултатите што ги објави ДИК ги демантираат тврдењата на Николоски по завршувањето на гласањето во средата дека „Заев не успеал да победи дома“.

Почнувајќи од 2008 година, Заев е редовно носител на листа на СДСМ во четвртата ИЕ на парламентарни избори. Сепак, во споредба со претходните избори во 2016 година, по кои Заев стана премиер, може да се каже дека овој пат тој помина подобро на свој терен.
Во 2016 година, Заев во „четворката“ го имаше за директен противник тогашниот лидер на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски, кој ја напушти првата ИЕ за да се соочи со својот главен противник и во струмичката ИЕ. Тогаш, на ниво на целата изборна единица, Груевски (ВМРО-ДПМНЕ) забележа блага предност пред Заев (СДСМ), иако и тогаш резултатот во мандати беше 10:10.

Во Струмица, пак, Заев оствари победа над Груевски со околу 2,5 илјади предност, односно со помала разлика во споредба со водството што го постигна во средата во “трката“ со Николоски.
На овие избори, Заев, практично, немаше „директен изборен дуел“ со новиот лидер на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, кој реши да не се кандидира воопшто за пратеник, иако сега претендира да ја составува идната влада, и покрај тоа што колаицијата „Обнова“ има двајца пратеници помалку од колаицијата „Можеме“ на национално ниво.