Фотографија која на Фејсбук ја објави портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Димче Арсовски со партискиот шеф Христијан Мицкоски со порака „Одиме до крај! Друга опција немаме Претседателе“, можеби и немаше да претставува изненадување и ќе се подведеше како вообичаен начин на партиска комуникација и меѓусебно бодрење, ако сосема случајно, слична содржина не забележавме и кај идната пратеничка Бети Стаменковска Трајкоска.
Покрај фотографијата со лидерот, таа има напишано повеќе реченици, од кои недвосмислено се издвојуваат два параграфи од кои во едниот се вели дека ВМРО ДПМНЕ е организација која опстојувала и ќе опстои, за да заврши со констатација „СИТЕ заедно со претседателот проф.д-р Христијан Мицкоски да го чуваме огништето за нашите идни генерации со добра стратегија и мудри одлуки“.
Ваквите статуси ја поттикнаа новинарската љубопитност, па решивме да направиме мала проверка на Фејсбук профилите на пратениците кои беа избрани од листата на ВМРО-ДПМНЕ на вонредните избори и на членовите на Извршниот комитет на оваа партија.
По отворањето на неколку профили, станува јасно дека во истиот стил, фотографија со лидерот и објава со поддршка, синоќа, со разлика од неколку часа пласирале десетина членови на највисокото партиско раководство и идни членови на македонското собрание од редовите на оваа партија.
Без да навлегуваме во тоа дали се работи за случајност или синхронизација, интересно е дека сите што го презеле овој чекор, говорат за тоа дека Мицкоски треба да остане лидер на партија.
Претседателот на УМС на ВМРО ДПМНЕ, Јован Јаулески, сликан со лидерот на спортски натпревар порачува „нема откажување“, што логично води до претпоставка дека целта е можеби да се премисли некој што размислува за повлекување.
Членот на ИК, Орце Ѓорѓиевски пак објавува слика како со тупаница се поздравува со Мицкоски, но со мотивациски цитат од јорданската кралица Ранија напишан на англиски јазик „Good teachers teach. Great teachers transform“.
Во сличен стил, со хаштаг „даскалот“, претседателот на ИК на ВМРО-ДПМНЕ од Велес, Игор Здравковски фотографиран покрај Христијан Мицкоски порачува „Заедно ќе се бориме до крај! А крајот не ни се гледа“.
Од групата идни пратеници, пораки од ваков карактер објавиле Ели Панова, Дајанчо Ефтимов, Ангелинка Петкова, Зоран Јованчев и Јадранка Поцкова.
Сите сметаат дека тој е лидерот кој и треба на партијата и му даваат безрезервна поддршка.
За разлика од нив, Кире Михаилов не бил доволно инспириран да напише статус, па само објавил фотографија со Мицкоски.
Интересна е објавата на членот на ИК и нов пратеник од Тетово, Александар Велјановски. Тој не ставил заедничка фотографија со лидерот, но напишал најдолг статус од сите. Во него, тој му изразува поддршка на Мицкоски, но во лутина упатува и критика, но не кон него, туку користејќи го речникот на претходниот партиски шеф Никола Груевски, Велјановски ги обвинува „квазипатриотите кои не излегоа од своите папучи и топли домови кога и беше најпотребно на Македонија“.
Ова се само дел од пораките кои успеавме да ги пронајдеме. Забележливо е дека и покрај тоа што најблиските соработници на Мицкоски од партијата ставиле „лајк“ на објавите, ниту еден од нив не објавил ништо слично.
Вакви статуси, до моментот кога го пишуваме текстот нема на профилите на генералниот секретар Јанушев, потпретседателите Николоски и Мисајловски, па ниту кај Тимчо Муцунски, Владимир Нелоски, Панче Тошковски, кои важат за негови кадри.
Иста е ситуацијата и кај Влатко Ѓорчев, Антонијо Милошоски, Ане Лашкоска, Никола Мицевски.
Мотивот за објавите е нејасен, иако може да навестува некаков заплет во партиските редови на ВМРО-ДПМНЕ, предизвикан од изборниот резултат.
Официјално, никој од партијата, барем засега, јавно не побара одговорност за поразот на предвремените избори.
Тоа единствено го сторија пратениците од независната пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ, екс-потпретседателот на оваа партија и актуелен градоначалник на Кавадарци, Митко Јанчев, како и против кандидатот на Гордана Силјановска Давкова на Конгресот за избор на претседателски кандидат, Филип Петровски.