Земјава и во изминатите седум дена има најголем број на нови случаи на ковид-19 на 100 000 жители на Балканот.
Ковид-19 билтенот во земјава и вчера беше далеку од поволен. Според здравствените власти, евидентирани се 164 нови случаи а 5 лица ја загубија битката со заразната болест. Меѓу починатите е и едно лице на возраст од 35 години.
Не е нешто подобро и во целиот регион. Србија вчера регистрира 392 случаи а Бугарија 267.
Македонија никако да се „спушти“ од врвот
Во последните седум дена, почнувајќи од вчера (петок, 17 јули), во Македонија се регистирани 1 014 нови случаи на ковид-19. Со тој „резултат“ земјава продолжува да се движи околу 1 000 нови случаи на коронавирус на неделно ниво веќе шеста недела по ред. Како што покажува графиконот подолу, од моментот кога се јави т.н. „втор бран“, земјава стигна до највисоки 1 119 случаи на неделно ниво во средината на јуни и оттогаш нема големи поместувања во таа статистика.

Епидемијата во Албанија продолжува да расте
За разлика од земјава, кај западниот сосед бројките се уште не се толку високи но веќе подолго време растат. Последните седум дена се најлоши во Албанија откако почна ковид-19 кризата со регистрирани 628 нови случаи. Како што покажува графиконот подолу, трендот е растечи а треба да се има предвид и дека Тирана прави значително помалку тестови од Македонија.

Бугарија, Б и Х и Србија ги „срушија“ старите рекорди
Дека епидемијата е во пораст и на исток и на север, покажуваат официјалните податоци од Србија, Босна и Херцеговина и Бугарија. Источниот сосед во изминатите седум дена пријавил 1 472 нови случаи на ковид 19 што е најмногу од стартот на епидемијата во земјата.

Трендот не е ништо подобар и во Србија каде во изминатата недела се регистирани 2 381 нови пациенти од коронавирусот. Рекордно, споредено не само со минатата недела, туку и за време на целата епидемија. Така е и во Босна и Херцеговина каде минатата недела имало 1 506 нови случаи на ковид-19.


Хрватска пред „бура“, во Грција мирно
Случајно или, најдобри во справувањето со ковид-19 од анализираните држави се двете најголеми туристички дестинации во регионот – Хрватска и Грција.
Па сепак, официјален Загреб во изминатите неколку недели јавува за се повеќе нови случаи на ковид-19. Минатата недела имало рекордни 605 случаи.

За разлика од Хрватска, во Грција се е под контрола. Во последните седум дена таму се регистрирани 216 случаи, што е во рамките на минатонеделните бројки. Податоците се дури и охрабрувачки ако се знае дека Грција има 10 милиони жители.

Македонија останува на „врвот на табелата“
Споредбата на апсолутните бројки сепак не може да го даде и одговорот – каква е состојбата во секоја држава одделно. Поради тоа, го споредивме бројот на новозаразени на 100 000 жители, прилагоден на големината на населението
Така, ако се земат официјалните податоците од изминатите седум дена Македонија е се уште прва со 48 новозаболени на 100 000 жители за една недела. Следна е Босна и Херцеговина каде таа бројка изнесува 39 случаи на 100 000 жители. Во Србија минатата недела имало 34 случаи на 100 000 жители, во Бугарија 21, во Албанија 20, во Хрватска 14 а во Грција незначителни 2 нови случаи на 100 000 жители.

Споредбата е валидна само под услов ако сите држави ги прикажуваат вистинските податоци. Досега, барем за Србија, се покажа дека не било така.