Почитувани читатели на порталот 360степени.мк и на нашите профили на социјалните мрежи,
По бројните реакции за текстот под наслов „Катица Јанева наредила ‚форензичко бришење’ на компјутерите во СЈО“ и демантот од Специјалното јавно обвинителство, чувствувам потреба да Ви се обратам со неколку појаснувања и потсетувања.

Калкулирајќи со можните реакции (па и за кредибилитетот на „360 Степени“) и избирајќи да останеме во безбедна зона, можевме да решиме и да не го објавиме текстот. Тоа ќе беше најлесната одлука. Написи базирани на анонимни извори, особено кога и за настанот (наредбата) на кој се однесуваат, нема писмени траги, се најподатливи за „демант“.
Но, ние решивме да го објавиме. Решивме да бидеме гласот на вработени во СЈО, кои „изгорени“ од настаните во изминатите недели, сакаа да ја алармираат јавноста, но и институциите, за најавена постапка (на „форензичко бришење“ на компјутерите) со можни далекусежни последици. Во функција на јавниот интерес.
Притоа, како што налагаат базичните новинарски стандарди, навреме се обративме со прашања до СЈО. Но, наместо да одговори на прашањата, цели шест часа по нивното добивање, Специјалното обвинителство на Катица Јанева објави „демант“.
Ако внимателно се чита „демантот“, во него се посочува на мерки за заштита на материјали, документи и докази.
„Демантот“ не се осврнува директно на делот од текстот на „360 Степени“ дека со „форензичкото бришење“ неповратно ќе се избришат податоците за тоа на кој компјутер, во кое време, од кое лице, што било работено.
Ако и на вработените во ИТ-секторот сега им е појасно што, всушност, било побарано од нив, а можеби не биле свесни за тоа, тогаш навистина јавниот аларм од загрижени вработени во СЈО ја завршил својата работа.
Што се однесува до реакциите со кои се доведува во прашање кредибилитетот и веродостојноста на „360 Степени“, слични реакции читавме и слушавме и кога објавивме за поплавата во просториите на СЈО во која беа уништени докази за неколку предмети, вклучувајќи го и „Империја“.
Истите тие што сега со потсмев, цинизам и иронија реагираат на веста за наредбата за „чистење“ на компјутерите, нека си ги прочитаат постовите на „Твитер“ и „Фејсбук“ од 11 и 12 март 2019 г. и нека ги споредат со се што се случи со и околу „Империја“ подоцна.
За волја на вистината, СЈО тогаш дури и ја потврди „пукнатата цевка“.
Со почит,
Васко Попетревски
Уредник на „360 Степени“