Шест часа откако лице задолжено за односи со јавноста во СЈО ги прими прашањата од „360 Степени“ (за што постои и електронска трага), наместо да одговорат на поставените прашања, од Специјалното обвинителство решија да излезат со реакција-демант.
Во продолжение ја пренесуваме во целост:
„Во врска со денешно објавените написи околу наводно издавање наредби за форензичко бришење или уништување на податоци во Специјалното јавно обвинителство, истите во целост ги демантираме. Појаснуваме дека Специјалниот јавен обвинител нема дадено наредба за било какво уништување на материјали, податоци или доказен материјал во рамките на обвинителството, било истиот да е во пишана или усна форма.
Сите активности кои во континуитет се преземаат се единствено во насока на зачувување на сите податоци, информации, документи и списи кои се предмет на работењето на ова обвинителството. Водејќи се од правилата за обезбедување на безбедносни, технички и организациски мерки во делот на заштитата на целокупниот материјал кој се наоѓа во обвинителството, сочувувањето на неговиот интегритетот е од висок приоритет, и во ниту еден случај не би се дозволило по било кој основ истиот да биде доведен во опасност.“
„360 Степени“, повикувајќи се на извори во СЈО, објави дека Катица Јанева побарала од вработените во ИТ-секторот да спроведат т.н. „форензичко бришење“ на компјутерите. Наредбата била дадено усно и, според изворите на „360 Степени“, веќе биле преземени подготвителни активности за да се спроведе.
Нашите две прашања упатени до СЈО беа:
- Која е причината да се нареди „форензичко бришење“ на компјутерите во СЈО?
- Дали со тоа трајно ќе се изгубат информации за тоа што е работено на компјутерите, а тие податоци може да бидат драгоцени за истрагата што ја води ОЈО за гонење организиран криминал и корупција (случај „Рекет“) или за некои идни постапки?
И по објавената реакција, изворите на „360 Степени“ остануваат на своето тврдење дека таква наредба била издадена и дека „чистењето“ требало да почне од понеделник, а изминатите денови се вршеле подготовки.
„Ако реакцијата значи дека некој се предомислил, тогаш целта на јавното предупредување е постигната“, велат нашите извори, кои додаваат дека решиле јавно да алармираат за да спречат евентуални непоправливи последици“.
Ако внимателно се чита реакцијата-демант од СЈО, во неа се посочува на мерки за заштита на материјали, документи и докази. Но, демантот не се осврнува директно на делот од текстот на „360 Степени“ дека со „форензичкото бришење“ неповратно ќе се избришат податоците за тоа на кој компјутер, во кое време, од кое лице, што било работено.
Случајот доаѓа во период во кој ОЈО за гонење организиран криминал и корупција води истрага во случајот „Рекет“ во кој засега не е осомничена, но е имплицирана и шефицата на СЈО, Катица Јанева. Во рамките на истрагата, на Јанева и се одземени два телефонски апарата заради вештачење.