Бојко Борисов го отфрли барањето на претседателот Румен Радев неговата коалициска влада, соочена со масовни антивладини протести, да поднесе оставка
Седми ден по ред се одржуваат антивладини протести во Софија.
Демонстрантите се собраа попладнето околу 17 часот по локално време и се очекува протестот да продолжи до доцна во ноќта, јавија бугарски медиуми. Засилено е присуството на полицијата во бугарскиот главен град.
Бугарскиот премиер Бојко Борисов го отфрли барањето на претседателот Румен Радев, неговата коалициска влада, соочена со масовни антивладини протести, да поднесе оставка.
„Оставката нема да ја подобри ситуацијата“,
рече Борисов пред состанокот на владата и ја повика опозицијата да помогне во надминување на кризата.
Тој предупреди дека последиците од пандемијата врз бугарската економија ќе бидат многу сериозни и рече дека на Самитот на ЕУ в петок ќе се заложи Бугарија да добие финансиска помош од фондот за обнова поради корона-кризата.
Илјадници Бугари протестираат со денови на улиците на Софија извикувајќи пароли како „Маските не ни се на очите“, „Ви се гледа крајот“… и барајќи оставка на Борисов и на главниот државен обвинител обвинувајќи ги за корупција и мафијашко однесување. Протестите, во меѓувреме, се проширија во црноморските градови Варна и Бургас и Пловдив на југот.
Протестите почнаа откако главниот обвинител Иван Гешев нареди претрес на кабинетот на претседателот и апсење на двајца соработници на Радев.
Гешев го обвини Радев за неуставно однесување и на Твитер објави дека ја нарушил независноста на судството и извршил притисок врз обвинителството.
Протестите ги поддржува опозициската Социјалистичка партија, чии гласови во 2016 година го донесоа Радев за претседател.
Следните парламентарни избори во Бугарија треба да се одржат во март 2021 година.