Приведен е секретарот за правни и антикорупциски прашања на бугарскиот претседател, во истрага за тргување со влијание
Пламен Узунов, секретар за правни и антикорупциски прашања на бугарскиот претседател Румен Радев, денеска е приведен во рамките на истрагата за тргување со влијание.
Бугарската агенција БГНЕС јави дека е приведен и Илија Милушев, советник за одбрана и безбедност во ксабинетот.
Претходно, обвинители, претставници на Министерството за внатрешни работи, на Бирото за заштита на сведоци извршија претрес во канцелариите на претседателската администрација.
Претресот е одобрен и од Воениот суд во Софија, како и од Специјализираниот кривичен суд.
Бугарскиот државен обвинител Иван Гешев изјави дека бил извршен претрес и се одземени материјали од две канцеларии, кои ги користат советникот и секретарот на претседателот Радев.
Специјализираното обвинителство ги испитува како сведоци Пламент Узунов и бизнисменот Пламен Бобков, кои подолг прериод комуницирале на различни теми, меѓу кои и за предлозите за амбасадори.