Државната изборна комисија на денешната седница одлучуваше по неколку приговори од граѓани кои се пожалија на повреда на избирачкото право.
Станува збор за лице во куќен притвор и лица кои што се позитивни на ковид-19 или се во самоизолација, а се пожалиле дека не им била дадена можност да го остварат своето право на глас.
За првиот случај со лицето во домашен притвор, ДИК констатираше дека проблемот настанал поради погрешна адреса на живеење, односно дека лицето се жалело дека немало можност да гласа во Општина Центар во Скопје, а мерката куќен притвор ја издржувал на адреса надвор од границите на оваа општина.
Во вториот приговор, друго лице се пожалило дека иако се пријавило да гласа во самоизолација не добило таква шанса. Од ДИК констатираа дека е направена грешка во адресата на живеење.
„Јасно е дека има објавено друга адреса и дека од тие причини не можела да го оствари своето право на глас. Едногласно се одбива“,
рече претседателот на ДИК, Оливер Деркоски.
Уште две лица од Охрид се пожалиле дека пријавиле дека се позитивни на ковид-19, но дека посебните избирачки одбори не ги посетиле во нивниот дом. И овој приговор беше едногласно одбиен, бидејќи како што рекоа од ДИК, одборот ги посетил лицата на две адреси, но не ги нашле пријавените гласачи.
„Во консултација со општинската изборна комисија добивме информација дека во текот на вчерашниот ден посебниот избирачки одбор го спроведе гласањето, а некаде околу 11 часот известиле дека на посочената адреса, гласачот не можеше да се пронајде. Извршиле проверка и утврдиле дека во изводот се водат на друга адреса, па ја посетиле и неа. Но, одборот и таму повторно ја извести Комисијата дека и на посочената адреса именуваниот не може да се најде. Одборот има право еднаш да овозможи гласање на лицето и овде направиле и исклучок два пати го побарале лицетои не било најдено дома. Јасни се причините зошто не го извршиле гласањето“,
рече Деркоски.
Двата приговора едногласно беа одбиени.