Претседателот на Државната изборна комисија, Оливер Деркоски на продолжението од денешната седница ги повика политичките партии да го почитуваат изборниот молк и да им остават простор на граѓаните да донесат своја одлука.
Тој уште еднаш ги демантираше шпекулациите во јавноста околу броењето на гласачките ливчиња од вчерашното и денешното гласање, потенцирајќи дека броењето ќе биде во среда заедно со сите останати.
„Уште еднаш ќе напоменам дека вчерашниот ден и денешниот не се бројат гласачките ливчиња. Ќе се бројат заклучно со утрешниот ден заедно со сите останаит гласачки ливчиња и ги замолувам сите и дури учесниците на оваа изборна, доволно им беше 20 дена кампања овие денови се на ДИК и денови на граѓаните. Апел, воздржете се сите оставете ги граѓаните да ја донесат својата одлука“,
порача Деркоски.
Тој вели дека гласањето и денеска се одвива непречено и апелираше граѓаните да не се плашат и утре да излезат на гласање.
„Иако условите се прилично комплицирани сметам дека избирачките одбори досега добро си ја завршија работата. Сакам да напоменам дека и од овој ден се виде дека ДИК заедно со администрацијата која што е поддршка успеа да го организира и овој ден како што треба. Нема никаков настан којшто би значел дека се загрозило здравјето и сметам дека така ќе помине и утрешниот ден. Граѓаните да бидат сигурни дека сите услови се исполнети за безбедно гласање и да ги почитуваат процедурите и препораките како за нив така и другите “,
порача Деркоски.