На новинарско прашање дали од Хрватска и Словенија, кои се иницијатори и основачи на Процесот Брдо-Бриони, добила ветување дека во спорот со Бугарија ќе застанат на македонска страна, претседателката рече дека ниту може ниту ќе ги праша дали ќе застанат зад нас, конкретно во спорот со официјална Софија, но рече дека поддршката на обете држави е јасна бидејќи секаде и секогаш велат дека стојат зад нас
Проширувањето на Европската Унија не е само прашање на проширување, туку и безбедносен императив, а напредокот на Црна Гора и Албанија на патот кон ЕУ е важен и за Македонија – порача претседателката Гордана Сиљановска-Давкова на заедничката прес-конференција со хрватскиот претседател Зоран Милановиќ и претседателката на Словенија, Наташа Пирц-Мусар, по Самитот на Процесот Брдо-Бриони во Охрид.

Покрај напредокот на евроинтегративниот пат на двете земји од регионот, кој Сиљановска-Давкова го смета и за наш, претседателката рече дека тој е видлив и во односот на Европската Унија кон Западниот Балкан. Оцени дека во комуникацијата на Европската комисија во врска со проширувањето се гледа голем исчекор по долг период, без јасна стратегија од Самитот во Солун во 2003 година.
„Напредокот на Црна Гора и Албанија го сметам за важен бидејќи по 2013 година немаше отворена порта за нас. Мислам дека нивното напредување е и наше напредување. Но, нешто се менува и во ЕУ во однос на Западниот Балкан. Многупати сум рекла дека од 2003 година, односно од солунскиот самит, не гледав јасна стратегија ниту чекори за нашето напредување, меѓутоа во моментот кога ја имаме пред себе комуникацијата на Европската комисија за проширувањето, гледаме голем исчекор. Постепеното членство не го сметам за замена за полноправното членство, но има чекори кои се навистина инспиративни“,
порача претседателката.
Осврнувајќи се на македонскиот пат кон Европската Унија, шефицата на државата рече дека земјата е соочена со сериозен проблем со билатералните прашања кои, како што кажа, не се поврзани со копенхашките критериуми и не значат европеизација, туку се спротивни на принципите и вредностите утврдени во европските акти.
Не побарав директна поддршка од Хрватска и Словенија, но мислам дека ја имаме
На новинарско прашање дали од Хрватска и Словенија, кои се иницијатори и основачи на Процесот Брдо-Бриони, добила ветување дека во спорот со Бугарија ќе застанат на македонска страна, претседателката рече дека ниту може ниту ќе ги праша дали ќе застанат зад нас, конкретно во спорот со официјална Софија. Но, вели:
„Зборувавме за потребата од дебилатерализација, особено кога се работи за идентитетски прашања. Поддршката на обете држави е јасна и во Процесот Брдо-Бриони, ама и денеска, секаде и секогаш, тие велат дека стојат зад нас.“
Сиљановска-Давкова рече дека во однос на други средби на лидерите на Процесот Брдо-Бриони, кога имало и несогласувања за усвојувањето на решенијата од заедничката декларација, овој пат меѓу нив имало целосен консензус во однос на принципите и вредностите поврзани со проширувањето, како и прашањата кои се однесуваат на соседските односи и билатералните прашања.
„Јас не можам да барам директна поддршка, но мислам дека од она што го слушав на тркалезната маса и сега на пресот, мислам дека Хрватска и Словенија стојат зад нас“,
рече претседателката.
Таа на заедничката прес-конференција со Милановиќ и Пирц-Мусар изрази благодарност до Хрватска и Словенија за поддршката што им ја даваат на земјите од Западен Балкан на патот кон Европската Унија и нагласи дека двете земји можеле да понудат само охрабрување, но наместо тоа понудиле заедничко патување кон ЕУ, споделувајќи ги своите искуства и застапувајќи на интересите на регионот.
