Во Скопје, каде се уште има и најмногу болни од коронавирусот, бројот на активни случаи полека се намалува. Но, во Свети Николе, на пример, бројот на активно болни порасна за близу петпати за само две недели
Главниот град на Македонија денеска има околу 10% помалку активно болни од ковид-19 споредено со пред две недели. Иако не станува збор за долг временски период, бројките во моментов сугерираат дека заразата во главниот град полека се смирува.
Попрецизно, во известувањето до јавноста на 30 јуни, Министерството за здравство информирало дека на подрачјето на Центарот на јавно здравје (ЦЈЗ) – Скопје има 2 007 активни случаи, на 7 јули 1 941 активен случај а денеска дека таа бројка изнесува 1 788.

Уште еден охрабрувачки пример е Тетово. Од недела во недела и таму се намалува бројот на активни случаи на ковид-19. Од 384 на крајот на јуни на 292 денеска.

Во Свети Николе, за две недели +460% повеќе активно болни
Но, додека „старите“ жаришта покажуваат знаци на опоравување, во неколку подрачја во земјава има драматичен раст на бројот на новозаразени од ковид-19. Во таа категорија, во моментов никој не е како подрачјето кое го покрива ЦЈЗ – Свети Николе.
На 30 јуни, таму имало 24 активно болни пациенти од ковид-19. Една недела подоцна бројот се зголеми двојно, на 42 лица. Денеска таа бројка изнесува 111, што е речиси петпати повеќе од пред две недели.

Иако не толку изразен, негативен тренд има и во подрачјата на Центрите за јавно здравје од Кичево, од Дебар и од Гостивар.
Во Кичево на 30 јуни имало 25 активно болни, за денеска таа бројка да се искачи на 69 лица или речиси трипати повеќе од пред само две недели.

Вирусот зема замав или здравствените власти се подобри во неговото откривање и на подрачјето на Гостивар. Последниот ден од јуни таму имаше 63 активни случаи а денеска се веќе 144.

Втора битка води и Дебар, единственото подрачје кое беше под карантин поради ковид-19. Веќе подолго време таму има повеќе болни отколку кога регионот беше „заклучен“. На 30 јуни Дебар имал 40 активни случаи, на 7 јули 64 а денеска веќе 89.

„Чисти“ од ковид-19 се само две подрачја
Делчево и Валандово се единствените две подрачја каде во моментов нема ниту еден активен случај на лице кое е болно од ковид-19. Тоа, се разбира, не е гаранција и дека нема болни лица кај кои не е дијагностициран вирусот.
Сепак, за разлика од пред две недели, не може а да не се потесети дека на крајот на јуни на таа листа беа вкупно четири подрачја.
На територијата на цела земја пак, епидемијата се чини дека стагнира. На 30 јуни имало 3 557 активно болни а денеска 3 486 или незначителни 2% помалку.

Бројките од последните две недели денеска ги анализираше и Комисијата за заразни болести. Според министерот Филиче, капацитетот во болниците се менаџира добро и во однос на кадарот со ротација и во однос на слободни кревети. Филипче, исто така, оцени дека не очекува некакво изненадување во смисла на поголем наплив на пациенти за прием во болница.