Како што пишува истражувачкиот портал „Крик“, овие апсења се дел од истрагата против Давор Мацура, кој е осомничен дека од трезорот на сопствената банка незаконски присвоил повеќе од 45 милијарди динари, односно околу 390 милиони евра
Дубравко Мацура, брат на сопственикот на Алта банка, Давор Мацура, и Тања Бундало, директорка на компанијата „Алта пеј груп“, се уапсени утрово во Србија, пренесува истражувачкиот портал „Крик“.

Одредено им полициско задржување од 48 часа. Според сознанијата на порталот, тие се осомничени за вмешаност во извлекувањето пари од трезорот на Алта банка.
Дубравко Мацура попладнево треба да биде сослушан во Јавното обвинителство за организиран криминал, по што обвинителството ќе одлучи дали ќе побара да му биде одреден притвор. Сослушувањето на Бундало сè уште не е закажано, а обвинителството прибира документација за нејзината можна поврзаност со случајот.
Како што пишува „Крик“, овие апсења се дел од истрагата против Давор Мацура, кој е осомничен дека од трезорот на сопствената банка незаконски присвоил повеќе од 45 милијарди динари, односно околу 390 милиони евра.
Во притвор веќе се наоѓаат Мацура и двајца негови соработници од банката, кои се товарат дека му помагале.
Според претходно објавените сознанија на „Крик“, кои се повикуваат на истражна наредба на тамошното обвинителството, парите биле извлекувани на два начина. Од трезорот физички биле изнесени околу 17 милиони евра, без за тоа да биде оставена писмена трага во официјалната документација.
Преостанатите околу 370 милиони евра, според сомневањата на обвинителството, никогаш не ни стигнале до трезорот. Станува збор за дневниот промет на менувачницата „Алта пеј“, кој бил евидентиран како примен во централниот трезор, иако парите наводно не биле депонирани таму, туку ги задржувал Мацура.
Давор Мацура беше уапсен откако Народната банка на Србија ѝ ја одзеде дозволата за работа на Алта банка поради влошената финансиска состојба и загрозеноста на штедачите. На сослушувањето пред обвинителството тој ја негирал вината.
Банката сега е под управа на Агенцијата за осигурување депозити, а на штедачите им е овозможено да повлечат до 50 000 евра.
