Продолжението на расправата се одржува безмалку две недели по првата седница одржана на 12 ноември, која помина со остри политички препукувања меѓу власта и опозицијата и без конкретен заклучок за одговорноста околу влезот и работењето на Алта банка
За денеска во 11 часот е закажано продолжението на надзорната расправа за Алта банка АД Битола во собраниската Комисија за финансирање и буџет. Продолжението на расправата се одржува безмалку две недели по првата седница одржана на 12 ноември, која помина со остри политички препукувања меѓу власта и опозицијата и без конкретен заклучок за одговорноста околу влезот и работењето на Алта банка.

Претседателката на матичната собраниска комисија Сања Лукаревска од СДСМ вчера предупреди дека дел од сведоците што треба да присуствуваат на надзорната расправа за Алта банка по вторпат се на службен пат токму во времето на одржување на седницата. Рече и дека не сите лица кои како сведоци се поканети на денешното продолжение на надзорната расправа го имаат потврдено своето присуство на седницата.
Според нејзината најава, на денешното продолжение на надзорната расправа како сведоци ќе бидат присутни претставници на институциите, како и претставници на Алта банка.
На изјавата на Лукаревска реагираше пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Бојан Стојаноски, кој рече дека одговорноста за организацијата и присуството на сведоците на надзорна расправа посветена на Алта банка е кај организаторите, односно кај СДСМ, од чии редови доаѓа претседателката на Комисијата за финансирање и буџет.
Првиот ден од собраниската надзорна расправа за Алта банка одржана на 12 ноември помина со политички препукувања меѓу власта и опозицијата околу влезот и работењето на Алта банка во земјава.
Расправата ја одбележа соочувањето на премиерот Христијан Мицкоски и лидерот на СДСМ, Венко Филипче. Премиерот обвини дека владата на СДСМ и ДУИ во 2023 година дала согласност за продажба на акции во Стопанска банка АД Битола и воспоставувала деловни релации со сопственикот на Алта банка Србија, Давор Мацура. Филипче го обвини Мицкоски за манипулација и тврдеше дека тогашната влада ниту продала акции ниту воспоставила бизнис-интереси со Алта банка, туку се обидувала да го заштити државниот интерес.
