Се чини дека социјалните мрежи на овие избори се платформа каде што може креативно да се толкува изборниот молк и „скриено“ да се продолжи со кампањата
Откако вицепремиер и учесник во изборите денеска на Фејсбук се пофали дека дал интервју за странска телевизија во која коментира политички теми, сега и лидер на партија ја искористи социјалната мрежа за да ја потсети јавноста за неговите активности. Во вториот случај, сепак, мора да се направи разликата дека политичарот не коментира политички теми или состојби во време на изборен молк, туку само објавил фотографии како седи на кафе-муабет со група граѓани.
„Во Кочани на кратка дружба. Преубав ден во убавата Македонија“,
пишува претседателот на политичката партија.

Со оглед на тоа дека во Изборниот законик кампањата е објаснета како: „Јавно собирање и други јавни настани организирани од страна на учесникот во изборната кампања, јавно истакнување на плакати, видеопрезентации на јавни места, изборно медиумско и интернет-претставување, дистрибуирање печатени материјали и јавно претставување на потврдените кандидати од надлежните изборни органи и нивните програми“, побаравме објаснување од матичната партија.
Оттаму ни одговорија:
„Не сметаме дека објавувањето на Фејсбук кај претседателот е прекршување на молкот бидејќи се работи за ден поминат со неговите пријатели и приватни дружби, каде што не се упатуваат јавно политички пораки, а вклучително тој и не се наоѓа на пратеничка листа“,
велат од партијата упатувајќи нѐ кај нивниот политички противник кој, како што велат, сè уште продолжува со платени реклами на социјалните мрежи.
Платените политички реклами на политичкиот противник што ги споменуваат од партијата чиј претседател сподели фотографии на Фејсбук, навистина ги има на социјалните мрежи. „360 степени“ најде барем еден таков случај.

Но, од друга страна налетавме и на партијата која вели „држете го крадецот“ која и самата и понатаму се рекламира и на Фејсбук и на Гугл.

Објави на Фејсбук поврзани со изборите можат да се најдат и од други партии. Висок функционер на уште една од партиите учесници на изборите објави фотографија од возила со текст во кој нагласува дека и покрај пандемијата луѓе доаѓаат кон Македонија за да се случат промени, веројатно алудирајќи на враќање на иселеници.

Ова се само мал дел од случаите каде што е очигледно дека на Фејсбук продолжува кампањата за изборите иако од синоќа на полноќ во земјава има изборен молк.
Никој не признава дека греши
Но, никој од засегнатите засега не признава дека ги крши правилата на игра.
За разлика од лидерот на политичката партија, постот на Фејсбук на вицепремиерот содржеше и политички пораки, но за него исто така нема ништо спорно што ја објавил содржината на својата страница на Фејсбук.
„Нема забрана за комуникација со пријатели на социјалните мрежи преку приватен профил“,
ни одговори вицепремиерот.
ДИК чека приговор за да постапува
Од Државната изборна комисијата (ДИК) досега не се произнесоа дали објавите ги сметаат за прекршување на молкот.
Како што велат оттаму, нема приговор од никого, а доколку има ќе се произнесат на седница.
Во одредбите од Изборниот законик, кои се однесуваат на кампањата и на изборниот молк, социјалните мрежи не се споменуваат директно, а тоа се чини им „дава за право“ на учесниците на изборите да го користат Фејсбук како платформа каде што преку објави кои се јавни „скриено“ ќе ја продолжат кампањата.
Покрај социјалните мрежи, на интернет може да се забележи дека на една од поголемите политички партии активна е и веб-страницата креирана за претставување на програмата и кандидатите за пратениците. На друга, пак, содржината е недостапна и кога ќе се отвори страницата се појавува само логото и слоганот на нејзината коалиција.
Денеска гласаат лицата што се позитивни на ковид-19 или имаат решение за самоизолација. Утре ќе гласаат притворениците и осудениците, како и болните и немоќните, додека главното гласање е в среда.