За утре метеоролозите прогнозираат сончево и постудено време со мала до умерена облачност

Времето денеска ќе биде променливо облачно, а во одредени делови од земјата ќе има врнежи од дожд. Според прогнозата од Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР), во текот на ноќта најпрвин во западните делови од земјата, а потоа и насекаде ќе има врнежи од дожд кои поради спуштање на ладна воздушна маса, на некои од повисоките места ќе бидат од дожд и снег, а на планините од снег.
Во текот на денот ќе дува засилен, а во текот на ноќта повремено силен ветер кој на моменти ќе надминува брзина од 70 километри на час. Претпладне ветерот ќе биде од западен, а попладне од северен правец.
Утринската температура ќе биде од 2 до 9 Целзиусови степени, а дневната ќе се движи од 8 до 19 степени.
Во Скопје, времето денеска ќе биде променливо облачно со повремени локални врнежи од дожд, а ќе дува и умерен повремено засилен ветер од променлив правец. Температурата ќе се движи од 4 степени наутро до 15 степени во текот на денот.
За утре метеоролозите прогнозираат сончево и постудено време со мала до умерена облачност. Во текот на денот ќе дува слаб до умерен, а вдолж Повардарието повремено засилен ветер од северозападен правец. Максималната температура ќе биде од 6 до 14 степени.
