Од општината прашуваат што уште треба да се случи за луѓето во Крива Паланка да бидат безбедни. Оттаму бараат итна реакција од надлежните, утврдување одговорност и заштита на граѓаните во врска со неконтролираните движење на добитокот низ градот и околните населени места
Од Општина Крива Паланка денеска информираат за нов инцидент поврзан со неконтролираното движење на добитокот низ градот и околните населени места.
Оттаму, повикувајќи се на полициска информација, велат дека 67-годишна жена од село Дрење пријавила физички напад поради недоразбирање околу крави што правеле штети.
Кај неа биле констатирани тешки телесни повреди. Полицијата работи на расчистување на случајот.

Од Крива Паланка реагираат дека пријавените лица во случајот со повредената жена се поранешни сопственици на добитокот, за кој, како што додаваат во соопштението, со месеци бараат институционално постапување.
„Загриженоста кај граѓаните е огромна. По сите досегашни пријави за напади и закани, јавноста заслужува одговор зошто овие лица се се уте на слобода и дали некој ги штити“,
прашуваат од општината.
Бараат итна реакција од надлежните, утврдување одговорност и заштита на граѓаните.
„Што уште треба да се случу за луѓето да бидат безбедни“,
се додава во соопштението од Крива Паланка.
Градоначалникот на Општина Крива Паланка, Сашко Митовски, на вчерашниот протест поради неконтролираното движење на добитокот, ги повика Агенцијата за храна и ветеринарство и Агенцијата за управување со одземен имот да постапуваат и што поскоро да го решат проблемот.
Побара од централната власт да го разгледа Акцискиот план на владината седница во вторник, а во спротивно најави радикализација на протестите.
Членот на Советот на Општина Крива Паланка од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Влатко Ристовки, порача дека градоначалникот и мнозинството во Советот имале можност на вчерашната седница да поддржат конкретен и сеопфатен план за решавање на проблемот со неконтролираното движење на добитокот, но тие одбиле.
Според Ристовски, тој и неговата советничка група предложиле конкретен Акциски план со четири оперативни мерки, утврдени рокови, институционална координација, финансиска конструкција и механизам за контрола на реализацијата.
Го обвини градоначалникот Митовски дека со месеци ја префрла одговорноста и бара виновници без да понуди план и решение за проблемот со неконтролираното движење на добитокот во Крива Паланка.
За време на вчерашниот протест, дел од медиумите пренесоа дека дошло до туркање меѓу полицијата и насобраните граѓани.
