Според министерот за внатрешни работи, времето на чекање на „Табановце“ се скратило иако патничкиот сообраќај се зголемил за 15 до 20 отсто

На граничниот премин „Табановце“, по воведувањето на заедничката гранична контрола со Србија, во одредени периоди чекањето се намалило од неколку часа на околу 30 минути, вели министерот за внатрешни работи Панче Тошковски. Тој очекува сличен ефект и на „Ќафасан“, каде што денеска премиерите Христијан Мицкоски и Еди Рама го промовираа системот „One stop“ на границата со Албанија.
Според Тошковски, времето на чекање на „Табановце“ се скратило иако патничкиот сообраќај се зголемил за 15 до 20 отсто.

„Истото го очекуваме и на ʼЌафасанʼ, побрз проток на патници и возила, помалку непотребни задржувања, поедноставени процедури и подобра координација меѓу граничните служби“,
напиша Тошковски на Фејсбук.
Со Албанија, според министерот, се заокружува воведувањето на овој модел со соседите на земјава што се надвор од Шенген-зоната, откако претходно беше применет на границите со Србија и со Косово.

МВР, во својот годишен извештај за 2023 година, го наведува 31 јули 2023 година како датум кога официјално почнале заедничките гранични контроли на „Ќафасан“. Тогаш Рама и поранешниот македонски премиер Димитар Ковачевски го означија почетокот на примената на протоколот меѓу двете земји, кој предвидува „едно застанување – една контрола“. Во денешната објава Тошковски не прецизира што се менува за патниците во однос на постапката воведена во 2023 година.
