Во знак на сеќавање на Периш присутните ги кренаа перниците во воздух, а на плоштадот беа запалени и свеќи. Граѓаните бараат одговорност за смртта на 32-годишниот спортист во психијатриската болница
Илјадници граѓани вечерва се собраа на протест на плоштадот во Загреб, каде се одржа и комеморација за 32-годишниот Кристијан Јосип Периш, кој почина пред еден месец во психијатриската клиника „Свети Иван“ во Јанкомир. Како што пренесуваат хрватските медиуми, граѓаните носат бели перници кои станаа симбол на иницијативата „Нема да нè задушите“. Во знак на сеќавање на Периш присутните ги кренаа перниците во воздух, а на плоштадот беа запалени и свеќи.
На собирот, како што пренесе Индекс.хр се обрати Михаела, сестрата на починатиот Кристијан, која емотивно се присети на детството и животот со нејзиниот брат. А во име на семејството говореше и пејачот Марко Кутлиќ, кој побара одговорност за смртта на Периш.
„Од октомври гледаме претстава во која сите покажуваат со прст кон другите, а Кристијан повеќе го нема. Бараме сите да одговарате. Сите во синџирот“,
кажа Кутлиќ.

Периш е поранешен спортист и тренер кој почина на 21 октомври во психијатриска болница. Случајот ја шокираше јавноста и предизвика силни реакции, откако локалните медиуми објавија снимки од надзорните камери на кои се гледа како медицинскиот персонал постапува со пацинетот кој е врзан за кревет додека вработените го удираат и му држат перница врз лицето.
Семејството бара целосно утврдување на одговорноста, испитување на сите здравствени работници кои биле присутни во болницата, измени на прописите за примена на мерки на присила врз психијатриските пациенти и задолжителен видеонадзор при таквите постапки.
За случајот се уапсени повеќе вработени во болницата. Четворица медицински техничари се осомничени за тешко убиство на ранлива личност, а истрагата е проширена и на други здравствени работници кои биле присутни за време на инцидентот.
Комеморацијата се одржа под мотото „Ако можеш, мораш за оние што не можат“ – реченица што Периш ја изговорил во телевизиско гостување, зборувајќи за својата работа со деца и лица со попреченост.
