Блокадата ќе се одржи в петок од 13 часот пред владината зграда, а протестот е најавен за следната среда во паркот „Жена борец“ со почеток од 17 часот
По последните случаи на насилство врз жени, неформалното феминистичко движење „Ниту една повеќе“ повикува на блокада пред зградата на Владата во петок (20 ноември) со почеток од 13 часот.

Движењето најавува и протест против фемициди, насилство и инситуционална неодговорност. Протестот го најавуваат за следната среда (25 ноември) од 17 часот во паркот „Жена борец“.
„Доста беше од ветувања, молчење, молење и чекање. Бараме одговорност, бараме правда, бараме права! Се гледаме на улица!“,
се наведува во објавата на „Ниту една повеќе“ на социјалните мрежи.
Најавата за протест доаѓа по случајот со 26-годишната охриѓанка, која изминатиов викенд беше претепана од својот 31-годишен партнер, против кого е поднесено обвинение за три кривични дела и му е одреден 30-дневен притвор.
Во врска со случајот вчера се одржа протест и пред Полициската станица во Охрид. Протестот го организира Форумот на жени на СДСМ, и покрај барањата на семејството на девојката случајот да не се политизира. Од Форумот порачаа дека насилството, прикривањето и заштитата на насилниците мора да престанат. Оттаму повикаа и на одговорност и институционална реакција.
