На првиот ден од седницата беше формирана комисија за верификација на мандатите, потоа беа верификувани мандатите на новите пратеници, по што тие положија заклетва. Беа формирани и пратеничките групи „Студентска листа“ и „Александар Вучиќ – Србија победува“, кои предложија свои кандидати за претседател на Народното собрание
Пратениците на српскиот парламент денеска во 10 часот ќе продолжат со работа на конститутивната седница со дебата за предложените кандидати за претседател на Народното собрание.

На првиот ден од седницата беше формирана комисија за верификација на мандатите, потоа беа верификувани мандатите на новите пратеници, по што тие положија заклетва, а беа формирани и пратеничките групи „Студентска листа“, предводена од Јово Бакиќ, и „Александар Вучиќ – Србија победува“, предводена од Александар Вучиќ.
Владејачкото мнозинство го предложи Александар Чупиќ, доцент на Сообраќајниот факултет во Белград, за функцијата претседател на парламентот, додека опозициската група на Српската напредна партија (СНС) за оваа позиција го предложи математичарот Стојан Раденовиќ. Откако овластените предлагачи ги образложија своите предлози, најстариот пратеник Стојан Раденовиќ, кој претседава со конститутивната седница, отвори општа расправа по првата точка од дневниот ред.
Дневниот ред на конститутивната седница содржи шест точки – потврда на мандатите на пратениците, избор на претседател и потпретседател на Народното собрание, назначување на генерален секретар, избор на членови на собраниските работни тела и постојани парламентарни делегации во меѓународни институции.
Пред почетокот на седницата, пред Народното собрание вчера беа собрани поддржувачи на Студентската листа, кои ги испратија своите претставници во парламентот со аплауз и извици на поддршка. Актерката и опозициска пратеничка Лидија Вукиќевиќ, пак, беше полеана со јогурт додека пристапуваше кон парламентот.
