Директорот на БЈБ, во врска со случајот, апелира професионалното постапување на полицијата да не се меша со политичките оцени и порача дека не би сакал институцијата да навлегува во дневнополитички теми
Според Јанев, случајот е сензитивен и Министерството за внатрешни работи интензивно работи на утврдување на сите околности во врска со заминувањето на Михаилова од државата
Директорот на Бирото за јавна безбедност (БЈБ), Александар Јанев, вели дека како раководител на институцијата нема информации оти македонските безбедносни служби ја следеле Ивана Михаилова пред таа да избега во Бугарија.

Имено, одговарајќи на новинарско прашање на денешната прес-конференција, дали може да ги потврди наводите на Михаилова – која тврди дека додека престојувала во Кочани била следена при средбите со бугарски пратеници, новинари и други граѓани – Јанев посочи дека употребата на интрузивни мерки е строго законски регулирана и класификувана постапка.
Класифицирани постапки
„Министерството за внатрешни работи и Бирото за јавна безбедност, во врска со такви интрузивни мерки, постапуваат исклучиво врз основа на судска или врз основа на обвинителска наредба. Постапката во таквите наредби е класифицирана. Тоа што можам да кажам е дека БЈБ и МВР постапуваат во секој еден предмет согласно законските овластувања. Овде, од страна на БЈБ или МВР, јас како директор такви информации немам“,
изјави Јанев.
Тој апелира професионалното постапување на полицијата да не се меша со политичките оцени и порача дека не би сакал институцијата да навлегува во дневнополитички теми.
„Би апелирал да ги одвоиме политичкиот моментум или интенцијата на конкретната личност или конкретната држава во деградирање или во вмешување на професионалниот дел на полицијата во своето постапување. Навистина не би сакал понатаму да навлегуваме во дневнополитички теми коишто на ваков или онаков начин ќе додадат дополнителен бустер за одредени останати теми“,
додаде директорот на БЈБ.
Според Јанев, случајот е сензитивен и Министерството за внатрешни работи интензивно работи на утврдување на сите околности околу заминувањето на Михаилова од државата.
„Ние како Министерство за внатрешни работи интензивно работиме на случајот – кој, како и што овозможил дотичната личност да се најде онаму каде што е во моментов. Се надевам кога ќе ги имаме сите информации, јавноста секако ќе биде информирана“,
изјави Јанев.
Што кажа Михаилова за македонската АНБ, но и за бугарската ДАНС
Инаку, Михаилова викендов повторно се најде во фокусот на бугарските и на медиумите во земјава, откако бугарскиот јутјубер Станислав Цанов објави снимки во кои Михаилова му раскажува дека од бугарската Државна агенција за национална безбедност (ДАНС) ѝ се заканиле дека ќе остане без помош за рехабилитација ако првото интервју не му го даде на новинарот Мартин Карбовски.
Како што објави „360 степени“, во тајно снимениот разговор Михаилова му вели на Цанов дека од ДАНС ѝ кажале и дека можат да одредат какви прашања ќе ѝ постави Карбовски. По објавувањето на снимките, копретседателите на партијата „Да, Бугарија“, Ивајло Мирчев и Божидар Божанов, побараа истрага и оставка од првиот човек на ДАНС, Пламен Тончев.

Цанов во еден од двата разговори што ги објави ја прашува Михаилова како стигнала во Бугарија откако во Македонија ѝ биле одземени двата пасоша. На неговото прашање дали некој од службите и помогнал, таа вели: „Никој од Бугарија. Сосема сама“, одговара Михаилова. Додава дека и порано барала помош од бугарската држава за да замине од Македонија, но дека секогаш добивала одговор дека тоа е невозможно. Конкретно, ги посочува бугарската амбасада во Македонија и амбасадорот Жељазко Радуков како некооперативни.
Во разговорот со Цанов, Михаилова тврди и дека од македонската Агенција за национална безбедност (АНБ) ѝ рекле дека ќе ѝ дозволат да се врати во Бугарија ако каже дека е Македонка и ако бугарските медиуми и пратеници престанат да доаѓаат на нејзините судски рочишта, на што таа, како што вели, не се согласила.
Идентични обвинувања против властите во земјава таа изнесе и во поткастот на Мартин Карабовски емитуван пред десетина дена.
Реакцијата на Михаилова
Михаилова во неделата преку Фејсбук негира дека некој во Бугарија ја принудувал да прави што било и дека таму добила помош, грижа и поддршка. Додаде дека ја чувствува поддршката на целиот бугарски народ и дека тоа ѝ дава сила секој ден.
Таа во октомври побегна во Бугарија и покрај забраната да ја напушти земјава. Во Кочани ѝ се суди во отсуство за сообраќајна несреќа во која загина едно лице.
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски минатата недела во телевизиско гостување изјави дека досегашната истрага за бегството на Михаилова не утврдила одговорност кај полициски службеници.
Според ресорниот министер безбедносните камери вдолж граничните премини и патните правци не ја регистрирале ниту неа ниту нејзиниот адвокат во критичниот временски период – од моментот кога последен пат била забележана како се забавува во локал во Кочани, па сè до нејзиното појавување во бугарските медиуми кон средината на октомври.
