Од Демократската унија за интеграција велат дека не се покајале за владината коалиција со СДСМ во 2016 година, за локалните избори во 2017 година, за референдумот во 2018 година и за претседателските избори во 2019 година, но жалат за коментарите на лидерот на СДСМ, Зоран Заев, упатени кон нив.
Во денешното интервју на Заев за Радио Слободна Европа, тој рече дека жали што некои кандидати од ДУИ за време на локалните избори ги поддржале. Тој посочи дека најмногу жали што поддршка му дале на Рамиз Мерко, градоначалникот на Струга.
„Сметаме дека нашата соработка и го промени името на земјата, го промени Уставот, го заокружи договорот со Грција и Бујарија како и нормативниот дел од Охридскиот мировен договор заедно со реформите во безбедносниот систем, администрацијата и судството, затоа и не се каеме што ја започнавме коалицијата во 2016 година со поразената партија во многу специфични околности“,
велат од ДУИ.
Тие велат дека нивната соработка за време на локалните избори донесе убедлива победа за СДСМ во Скопје, Куманово, Велес, Битола, Охрид и во многу други општини. Од ДУИ потенцираат дека не се кааат ниту за тоа што имале заедничка кампања за референдумот за промена на името, а ниту за тоа што не дозволиле одржување на предвремени парламентарни избори по референдумот, а инсистирале на пронаоѓање на минимум 8 пратеници за промена на Уставот, и тоа го направиле.
„Последните претседателски избори беа победа за нашиот концепт за консензуалност затоа што се покажа дека партиски кандидат за претседател не победува, но кога е консензуален тој или таа победува. Демократската унија за интеграција посакува успех за СДСМ на овие избори и се надеваме дека нашата успешна соработка ќе ја продолжиме и по изборите на 15 јули“,
велат од ДУИ.