Во тек се активности за обновување на жичницата и темелна реконструкција на кабините, а се очекува да пристигне и моторот кој е испратен на репарирање во странство
Во мај годинава, скопскиот градоначалникот Орце Ѓорѓиевски изјави дека таа ќе остане затворена сè додека целосно не се утврди дека е безбедна за користење
Скопскиот градоначалник Орце Ѓорѓиевски, очекува жичницата на Водно повторно да биде ставена во функција следниот месец, по завршувањето на работите за нејзина реконструкција и неопходните безбедносни проверки.

Оваа информација тој ја соопшти на неговиот фејсбук-профил, посочувајќи дека во тек се активности за обновување на жичницата и темелна реконструкција на кабините, а се очекува да пристигне и моторот кој е испратен на репарирање во странство.
Ѓорѓиевски посочува дека при увидот биле констатирани сериозни недостатоци, кои, според него, биле последица на долгогодишното неспроведување на неопходните големи сервиси и редовното одржување од претходните раководства.
„Беше потребен обемен и темелен зафат, занемаруван речиси една деценија. Затоа жичницата беше ставена вон функција. За мене, безбедноста на нашиот народ е пред сè. Тука нема компромис“,
вели тој.
Реконструкцијата, додаде и дека се спроведува со цел да се обезбедат безбедно возење и сигурна работа на жичницата, која ја оцени како едно од омилените скопски доживувања.
„Го обновуваме она што со години било запоставувано. Со одговорност, со работа и со дела. Го враќаме сјајот на Скопје“,
пишува Ѓорѓиевски на Фејсбук.
Жичницата на Водно беше ставена надвор од употреба по извршената контрола од компанијата „Допелмаер“, при која беа утврдени низа недостатоци.
Во мај годинава, градоначалникот Орце Ѓорѓиевски изјави дека таа ќе остане затворена сè додека целосно не се утврди дека е безбедна за користење. Тогаш посочи дека е потребна целосна дефектажа и сервисирање, а не прецизираше колку време ќе трае процесот.
