Носењето втор ребаланс на Буџетот, според пратеничката Јованка Тренчевска, е комплетен пораз на власта. Пратеникот Игор Здравковски од ВМРО-ДПМНЕ ѝ реплицира на пратеничката од СДСМ, велејќи дека ребалансот е раздвоен и одговорен
Со 67 гласа „за“, 15 „против“ и ниту еден „воздржан“, пратениците попладнево го усвоија вториот ребаланс на Буџетот за 2026 година. Откако министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска го претстави ребалансот, за збор се јавија само два пратеника – Јованка Тренчевска од СДСМ и Игор Здравковски од ВМРО-ДПМНЕ.

Носењето втор ребаланс на Буџетот, според пратеничката Тренчевска, е комплетен пораз на власта.
„Носењето втор ребаланс во ноември, само три месеци по усвојувањето на јулскиот, укажува на итна потреба од прераспределување средства пред крајот на фискалната година. Ваквата брзина и паника во прекројувањето на државната каса најчесто се јавува кога политичките калкулации ќе ги надминат редовните економски планирања. Ова е чист фискален пораз на хартија“,
рече пратеничката од СДСМ, Јованка Тренчевска.
Пратеникот Игор Здравковски од ВМРО-ДПМНЕ ѝ реплицира велејќи дека ребалансот е раздвоен и одговорен.
„Владата е одговорна, се грижи секој сектор да биде во функција и сите да земаат плати и пензии“,
изјави Здравковски додавајќи дека намалените акцизи и ДДВ за горивата, кои власта ги наведе како причини за потребата од втор ребаланс, се преземени за заштита на стандардот на граѓаните.
Претставувајќи го вториот ребаланс на Буџетот за 2026 година, министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска рече дека тој не произлегува поради проблеми со ликвидноста во државната каса, туку е последица на мерките од страна на Владата за намалување на ДДВ и акцизата кај горивата, во услови на глобална криза.
Со новиот ребаланс на Буџетот за 2026 година има намалување и на приходната и на расходната страна за околу 86 милиони евра, а планираниот буџетски дефицит останува на нивото од 4,1 отсто од БДП. Во споредба со првичниот буџет за 2026 година, дефицитот останува повисок. Даночните приходи се намалуваат за 1,6 отсто од постојното планирано ниво, а вкупните расходи се намалуваат за 5,3 милјарди денари во однос на претходните проекции. Капиталните расходи се намалуваат за речиси 5,9 милијарди денари.
