Од Општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ во Крива Паланка велат дека проблемот на кој посочува локалната власт е децениски, а доколку навистина биле загрижени, од СДСМ требало досега да го решат бидејќи, како што велат, партијата трет мандат по ред има градоначалник во оваа општина
Барањето за кризна состојба потврдува дека Општината и градоначалникот не се способни да го решат проблемот – велат од Општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ во Крива Паланка откако првиот човек на Општината, Сашко Митовски, кој доаѓа од редовите на СДСМ, денеска побара Владата да прогласи 30-дневна кризна состојба на територија на Крива Паланка за решавање на проблемот со неконтролираното движење на крупен добиток.

Од Општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ велат дека проблемот на кој посочува локалната власт во Крива Паланка е децениски, а доколку навистина биле загрижени, од СДСМ требало досега да го решат бидејќи, како што велат, партијата трет мандат по ред има градоначалник во оваа општина.
„За разлика од СДС, Владата и надлежните институции во изминатиот период преземаа конкретни активности во рамките на своите законски надлежности и досега се одземени приближно 100 грла говеда. Проблемот со добитокот не започна денес ниту ќе се реши со денешната прес-конференција. Градоначалникот треба да престане да ја политизира темата и да започне да ги исполнува обврските што произлегуваат од функцијата“,
велат оттаму оценувајќи дека денешната прес-конференција на градоначалникот Сашко Митовски е обид реалниот проблем на граѓаните да се претвори во политичка тема, а вината да се префрли кај Владата.
Од ОК на ВМРО-ДПМНЕ во Крива Паланка велат дека да бидат пречка на ниедна иницијатива во интерес на граѓаните и ќе поддржат секаква законска постапка за решавање на актуелниот проблем, но истовремено очекуваат одговорност и отчетност од локалната самоуправа за она што е во нејзина надлежност.
„Граѓаните не бараат политички препукувања, празни прес-конференции, ниту оправдувања. Бараат безбедни улици, заштита на нивните имоти и конкретно решение на проблемот. Барањето кризна состојба не смее да биде алиби за непостапување во рамките на редовните надлежности на локалната самоуправа. Граѓаните не очекуваат градоначалникот да им објаснува кој е виновен, туку очекуваат да видат конкретни резултати“,
велат од Општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ.
Градоначалникот на Крива Паланка, Сашко Митовски, денеска на прес-конференција побара од Владата да прогласи 30-дневна кризна состојба поради неконтролираното движење на повеќе од 1 000 грла крупен добиток низ општината, кои предизвикуваат материјални штети и ја загрозуваат безбедноста на граѓаните. Тој тврди дека институциите со години не успеваат трајно да го решат проблемот и побара координирана акција, заловување и згрижување на животните. Предупреди дека доколку Владата не реагира, можни се и протести на граѓаните.
