Победата на ДУИ во Брвеница, според претседателот на Собранието, не е показател дека ДУИ расте, а Влен ја губи поддршката. За односите со ВМРО-ДПМНЕ по изборите вели дека се стабилни и коректни

Претседателот на Собранието, Африм Гаши, е убеден дека парламентарните избори ќе се одржат во редовниот термин, иако, според неговата процена, на Влен би му одговарало да се гласа сега. Во интервју за „360 степени“ на МРТ 1, Гаши вели дека од евентуални предвремени избори не очекува позначајна промена во односот на силите меѓу ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, но очекува подобар резултат за Влен во однос на ДУИ.
„360 степени“: Влен ќе има подобар резултат во однос на ДУИ?
Африм Гаши: Да, апсолутно. Да, апсолутно. Но, не мислам заради интересот на една политичка партија да се оди на избори и да се поремети овој принцип за кој верувам дека има поголеми ефекти во општеството, во државата, да креираме заеднички политичка стабилност секои четири години.
Гаши вели дека неколку последователни изборни циклуси во кои парламентот би го завршил четиригодишниот мандат би придонеле за политичка стабилност на земјата. Исходот од изборите за градоначалник на Брвеница, каде што во вториот круг кандидатот на ДУИ го победи кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ, не му ја сменил таа процена.
На прашањето дали победата во Брвеница, сепак, покажува дека ДУИ расте, а Влен слабее, Гаши одговори „не, апсолутно не“. Според него, за тоа како гласале жителите на општината пресудно било од кое село доаѓа кандидатот. Партиската и етничката припадност, смета тој, имале помало влијание врз изборот.
Гаши не сакаше да го коментира обвинувањето од ВМРО-ДПМНЕ дека Влен во Брвеница одиграл улога на „тројански коњ“ за ДУИ. Таквите изјави ги припиша на постизборната еуфорија.
„Тоа што го знам јас е дека релациите во коалицијата се стабилни, коректни, продолжуваме да работиме на реализација на приоритетите, програмите и така натаму“, рече тој.
Во интервјуто Гаши беше прашан и дали тешкотиите на власта да обезбеди Бадентерово мнозинство за законот за соодветна и правична застапеност и за пакетот закони за високото образование му одат во прилог на тврдењето на ДУИ дека власта нема целосен легитимитет кај Албанците. Тој посочи дека за Бадентеровото мнозинство се бројат и гласовите на пратениците од другите немнозински заедници и дека за секој закон посебно се разговара со опозицијата.
„И ’заглавувањето’ на закони не значи дека нешто стои, туку се работи, има дијалог, се разговара, гледаме да најдеме решение и мислам дека можеме да дојдеме до решение како што сме стигнале досега“, рече Гаши.
