На веб-страницата на унгарската полиција е објавено соопштение во кое се вели дека се спроведуваат апсења и претреси на куќи на неколку локации во Будимпешта и округот Пешта во врска со случај на трговија со луѓе

Унгарскиот премиер Петер Маѓар објави дека, според информациите од медиумите, братот на поранешниот претседател на владата, Виктор Орбан, Арон Орбан, е приведен под сомнение за трговија со луѓе.
„Според информациите од медиумите, братот на Виктор Орбан, Арон Орбан, е приведен под сомнение за трговија со луѓе. Националната канцеларија за враќање и заштита на средства и Националното биро за истраги ја продолжуваат истрагата“,
објави премиерот на својата фејсбук-страница.
Според информациите објавени од унгарскиот портал kontrolu.hu, во операцијата „Чистење на пожарот“ е опфатен Арон Орбан.
На веб-страницата на унгарската полиција е објавено соопштение во кое се вели дека се спроведуваат апсења и претреси во куќи на неколку локации во Будимпешта и округот Пешта во врска со случај на трговија со луѓе. Националното биро за истраги (NNI) и Националната канцеларија за враќање и заштита на средства (NVVH) исто така учествуваат во истрагата.
Властите ветија дополнителни информации за деталите од истрагата попладне.
Според пишувањата на медиумите, истражителите наводно се фокусирале на бизнисот на Арон Орбан откако медиумите претходно открија контроверзна шема за визи. Според наводите, компанија поврзана со братот на премиерот запишала виетнамски државјани на дводневен курс за прва помош и спасување животи на Универзитетот во Печ.
Курсот потоа им послужил како покритие и скратен пат за полесно добивање шенген-визи и влез во Европската Унија.
Со реакција на веста се јави и поранешниот премиер Виктор Орбан, според кого пресметката е средство за одвлекување на вниманието во која тој е целта, а неговиот помлад брат е само алатка.
„Пресметката е средство за одвлекување на вниманието. Во Унгарија нема одговорност, туку пресметка. Кога нешто е срамно за владата, се вмешува тајната полиција. Целта во оваа валкана игра е да се елиминира политичкиот противник и да се изгради еднопартиски систем. Јас сум целта, мојот брат е само алатка“,
напиша Виктор Орбан на својата страница на социјалните мрежи.
Минатата недела беа отворени дел од архивите на тајната полиција на Унгарија од времето на комунистичкиот режим, а врз основа на кои Виктор Орбан соработувал со службите додека го отслужувал воениот рок.
На 3 ноември, еден ден пред објавувањето на базата на податоци со записи на тајната полиција од комунистичката ера, Орбан објави документи од овој период кои се однесуваат на него и неговата сопруга, Анико Леваи. Тој тврди дека тогашните комунистички власти се обиделе да го регрутираат во 1980-тите години, на почетокот на неговото задолжително служење воен рок, но дека тој одбил.
