„Внатре доживуваме еден од најранливите моменти на изралеската демократија. На Израел му е потребно ново лидерство како кислород за дишење. На Израел му е потребна нова влада“, изјави Ајзенкот
Тој сега има 28 дена за формирање коалиција, со можност за продолжување на рокот за уште 14 дена. Доколку не успее, се очекува претседателот да го предаде мандатот на друг член на парламентот за период од 28 дена
По консултациите со партиските лидери, израелскиот претседател Исак Херцог му го додели мандадот за формирање нова влада на земјата на лидерот на партијата Јашар и поранешен воен команданат, Гади Ајзенкот, пренесоа светските медиуми.

Поранешниот началник на Генералштабот на војската на Израле смета дека земјата се наоѓа во еден од најопасните моменти во својата историја, велејќи дека сака да ги претставува сите сегменти на општеството и да работи на тоа земјата Израел „повторно да вплови во безбедно пристаниште и да се врати во состојба на разумност“.
„Сега сме во вонредна состојба и се приближуваме кон точката од која нема враќање за Израел“,
рече 66-годишниот поранешен воен командант Гади Ајзенкот, повикувајќи на формирање влада за национален спас, што бара, според него бара креативни и неконвенционални политички потези.
Подадена рака до сите партии
Обраќајќи се до сите партии и нивните претставници, тој рече дека неговата врата е отворена и раката му е подадена.
„Секој што ќе се обиде да спречи формирање влада од лични причини ќе биде запаметен во историјата како некој не успеал да го спаси Израел кога најмногу имало потреба за тоа“,
рече Ајзенкот, очигледно алудирајќи на актуелниот премиер Бенјамин Нетанјаху и неговите поддржувачи.
Ајзенкот нагласи дека Израел се соочува со критичен период, со воени зони кои сè уште се отворени, воени цели кои не се постигнати и земја што се соочува со сериозна дипломатска криза.
„Внатре доживуваме еден од најранливите моменти на изралеската демократија. На Израел му е потребно ново лидерство како кислород за дишење. На Израел му е потребна нова влада“,
рече мандатарот.
Објаснувајќи го својот избор, израелскиот претседател Исак Херцог го истакна долгогодишното воено искуство на Ајзенкот, но и неговите лични загуби.
„Вашето лице носи лузни од куршуми од децении командување и борба, а вашата душа носи најтешка лузна од сите, највисоката цена што вие и вашето семејство ја плативте со смртта на вашиот сакан син Гал и двајца внуци во војната. На Државата Израел ѝ е потребна стабилна влада која е способна да се справи со овие предизвици на долг рок“,
рече Херцог.
Можност за симнување од власт на Нетанјаху
Инаку, Ајзенкот е добро позната личност во Израел. Тој го поминал поголемиот дел од својот живот во војската, служејќи како воен секретар на премиерите Ехуд Барак и Ариел Шарон, а подоцна и како началник на Генералштабот. Тој влезе во Кнесетот пред четири години, а минатата година ја основа центристичката партија Јашар, што значи исправен или фер. Сега има шанса да го симне од власт Бенјамин Нетанјаху, кој е премиер повеќе од 19 години.
Се очекува процесот на формирање нова влада да биде тежок, со оглед на тоа што центристичката алијанса на Ајзенкот не успеа да обезбеди парламентарно мнозинство на изборите одржани минатиот месец.

За време на консултациите со Херцог претходно оваа недела, парламентарните групи, кои сочинуваат 67 од 120-те членови на Кнесетот, предложија да му се даде мандат на Ајзенкот за формирање влада.
Ајзенкот сега има 28 дена за формирање коалиција, со можност за продолжување на рокот за уште 14 дена. Доколку не успее, се очекува претседателот да го предаде мандатот на друг член на парламентот за период од 28 дена.
Но, доколку успее, тоа ќе го означи крајот на долгогодишното владеење на најдолгогодишниот премиер на Израел, Бенјамин Нетанјаху, кој не успеа да обезбеди мнозинство на изборите.
Распоред на силите во Кнесетот
Партијата Ликуд на Нетанјаху е најсилната партија во Кнесетот со 27 места, по што следува центристичката партија на Ајзенкот со 21 место. Ова значи дека двата табора ќе мора да се потпрат на коалиции ако сакаат да ја преземат власта.
Алијансата од четири партии на Ајзенкот има 48 места, што значи дека веројатно ќе ѝ треба поддршка од Заедничката листа, во која доминираат Арапите, и друга арапска партија – Ра’ам. Двете опции освоија 19 места на изборите, речиси двојно зголемувајќи го бројот на арапски претставници во парламентот.
Но, соработката со арапските партии предизвикува силни спорови во рамките на центристичката алијанса, поради што прогнозите велат дека формирањето коалиција може да биде многу комплицирано.
Инаку, 66-годишниот Ајзенкот, кој беше началник на Генералштабот на израелските вооружени сили од 2015 до 2019 година се смета за конзервативен по безбедносни прашања. Тој, како што пишуваат медиумите, се спротивставува на воспоставувањето палестинска држава и се залага за цивилна самоуправа под израелска безбедносна контрола. Ајзенкот бара признавање на Израел како еврејска и демократска држава, задолжителна воена или цивилна служба и означување на Хамас како терористичка организација. Арапските партии, пак, ја отфрлаат задолжителната воена служба за арапските граѓани.
Слично шаренолика коалиција успеа да го собори Нетанјаху во 2021 година, но се распадна по нешто повеќе од една година. Ајзенкот сега има 28 дена, со можност за продолжување од уште 14, да најде начин да ја обезбеди поддршката на арапските партии однадвор, без тие да влезат во владата и без да ги изгуби своите десничарски партнери.
