На прашањето дали евентуално побарале некакви информации од српското обвинителство, имајќи предвид дека таму има истрага и сопственикот на Алта банка, Давор Мацура е во притвор, одговорот на Савески сугерира дека досега не е остварена комуникација околу конкретниот случај. Сепак, како што додава, доколку се јави потреба од такво нешто, комуникацијата и соработката би се оствариле без никакви пречки
Државниот јавен обвинител Ненад Савески вели дека засега е прерано конкретно да одговори на прашањето дали институцијата со која раководи презема некакви истражни дејствија во врска со случајот со Алта банка.

Дали Обвинителството нешто истражува и дали ќе се вклучи од свој агол во расчистувањето на прашањата што се отворија и се отвораат околу Алта банка АД Битола, чиј мнозински акционер Алта банка АД Белград е под стечај, а тамошните правосудни власти веќе отворија истрага, во која покрај сопственикот на банката, Давор Мацура, во притвор завршија уште двајца вработени. Ова беа дел од прашањата на кои медиумите денеска побараа одговори од Савески, по седницата на Советот на јавните обвинители, чиј член е тој по функција.
Според него, Јавното обвинителство со внимание ја следи ситуацијата со банката и доколку утврди дека има некакви елементи што укажуваат на сторено кривично дело ќе мора да реагира. Но, во овој момент, додава, прерано е да даде одговор на ова прашање.
„Како и секоја констатирана ситуација којашто буди особен интерес во јавноста, така и ова ситуација се набљудува од страна на Јавното обвинителството и доколку детектираме дека станува збор за нешто што е поврзано со кривично правен настан ние немаме друг избор освен да реагираме. Меѓутоа не можам конкретно да ви одоговрам во овој момент бидејќи тоа е прерано“,
изјави државниот јавен обвинител.
На прашањето дали евентуално побарале некакви информации од српското обвинителство, имајќи предвид дека таму има истрага и сопственикот на Алта банка, Давор Мацура, е во притвор, одговорот на Савески сугерира дека досега не е остварена комуникација околу конкретниот случај. Сепак, како што додава, доколку се јави потреба од такво нешто, комуникацијата и соработката би се оствариле без никакви пречки.
„Ние имаме прекрасна соработка со колегите од соседна Република Србија, така што доколкку има потреба од такави пподатоци и комунакција со правосудните органи од Република Србија, тоа секако дека непречено би се остварило“,
изјави тој.
Случувањата со српската Алта банка, кои имаат извесна рефелексија и во земјава, бидејќи таа од лани е мнозински сопственик на Алта банка АД Битола, по преземањето на Стопанска банка АД Битола, речиси една недела ја брануваат јавноста и во Србија и во Македонија.

Народната банка на Србија на 31 октомври ѝ ја одзеде дозволата за работа на Алта банка, а на 3 ноември беше отворена стечајна постапка.
Сопственикот на банката, Мацура, беше уапсен на 2 ноември, а по сослушувањето пред Обвинителството за организиран криминал, како што соопшти неговиот адвокат, тој ги отфрлил обвинувањата од кривичната пријава.
На 4 ноември, Вишиот суд во Белград на Мацура и на уште двајца вработени во банката им одреди 30-дневен притвор.
Сопственикот на Алта банка е осомничен дека ја злоупотребил својата положба и од трезорот на банката изнел пари во вредност од околу 45 милијарди динари, односно повеќе од 380 милиони евра. На останатите двајца вработени им се става на товар дека му помогнале во извршувањето на кривичното дело.
Што се однесува до Алта банка АД Битола, која е посебен правен субјект во однос на Алта банка Белград, но е поврзана преку сопственичката структура, Народната банка на Македонија веднаш по случувањата во Србија донесе одлука за воведување привремена администрација, како и ограничувања за нејзините корисници. Така, физичките лица имаат неделен лимит од 10 000 денари за готовински подигања и плаќања со картичка, а внатрешните трансфери кон други физички и правни лица во рамките на банката остануваат неограничени. Од денеска, преку посебни шалтери граѓаните кои немаат платежни картиќки ќе можат да подигаат по 20 000 денари на неделна основа.
Во меѓувреме, на барањето на опозицијата, во Собранието треба да почне надзорна расправа за случувањата со Алта банка.
Од опозицискиот СДСМ на прес-конференции и преку соопштенија постојано повикуваат Обвинителството да отвори истрага против премиерот Христијан Мицкоски и гувернерот на Народната банка, Трајко Славески, кои според нив се главните виновици за влегувањето на Алта банка во Македонија, иако извесен период била под надзор на европски банкарски авторитети поради сомневања во законитоста на нејзиното работење.
