Од ресорното Министерство за транспорт апелираат Обвинителството и надлежните институции да ги проверат наодите на ДЗР
Министерството за транспорт соопшти дека двете јавни претпријатија „Македонски железници транспорт“ и „Mакедонски железници инфраструктура“ ги добиле извештаите за нивната работа од Државниот завод за ревизија (ДЗР). Двата извештаи, велат оттаму, се за периодот во кој со нив раководеле кадрите на СДСМ и ДУИ, а нотираните аномалии, според ресорното министерство, биле игнорирани од претходните раководства.

„Сметаме дека врз основа на аномалиите кои се нотирани во извештајот и клучните проблеми кои биле игнорирани од претходните раководства, претпријатијата биле доведени на раб на пропаст и нивно целосно уништување. Во ревизорскиот извештај кој е изготвен на барање на актуелните раководства се нотирани клучни проблеми и за истите веќе се преземени мерки“,
велат од Министерството за транспорт.
Оттаму апелираат Обвинителството и надлежните институции да ги проверат наодите на ДЗР.
„Извештаите за двете јавни претпријатија, се однесуваат на работењето до 2024 година, и е извршена ревизија на финансиските извештаи заедно со ревизија на усогласеност на јавните претпријатија“,
велат од Транспорт.
Кај двете претпријатија ДЗР нотира сериозни слабости во управувањето со средствата, акумулирани загуби и проблеми што влијаат врз нормалното и безбедно функционирање на железничкиот сообраќај.
