Со критиките за војната со Иран, според анализата, Венс прави видлив чекор на дистанцирање од претседателот, обидувајќи се истовремено да ја задржи поддршката на движењето МАГА
Ваквите обиди на американскиот потпретседател, според тамошните медиуми, се толкуваат како обид на Венс да се дистанцира од актуелната администрација и да се подготви за претседателската трка во 2028 година
Американскиот потпретседател, Џеј-Ди Венс, почнува да се позиционира како можен наследник на Доналд Трамп на чело на Републиканската партија. Ова следува по тешкиот изборен пораз на републиканците на среднорочните избори, се вели во анализа на Си-ен-ен.

Со критиките за војната со Иран, според анализата, Венс прави видлив чекор на дистанцирање од претседателот, обидувајќи се истовремено да ја задржи поддршката на движењето МАГА.
Во опширна објава на социјалната мрежа Икс, Венс оцени дека војната со Иран е главната причина за поразот на републиканците, посочувајќи дека дел од гласачите кои во 2024 година гласале за него и Трамп, на овие избори ја дале поддршката за демократите.
„Причината поради која загубивме е војната. Тоа го кажа и самиот претседател“,
напиша Венс, додавајќи дека републиканците треба искрено да разговараат за цената на воениот конфликт и неговите политички последици.
Наведе четири области на кои партијата треба да се фокусира за да ги врати разочараните гласачи: завршување на војната со Иран, справување со инфлацијата и трошоците за живот, враќање на политиката „Америка на прво место“ и промена на односите со Израел.
Според анализите објавени во американските медиуми, ова не е само обид на Венс да се огради од изборниот пораз, туку и почеток на неговото позиционирање во пресрет на претседателските избори во 2028 година. Неговата стратегија е да се претстави како политичар кој ги препознава грешките на актуелната администрација, без целосно да се откаже од поддршката на Трамп и неговото движење.
Поддршка кај конзервативците
Ваквиот потег му овозможува на Венс да се обиде да ја зацврсти поддршката кај конзервативците кои се противат на американските воени интервенции, но и да се наметне во внатрепартиската битка за наследник на Трамп. Меѓу потенцијалните конкуренти за републиканската претседателска номинација во 2028 година се споменува и државниот секретар Марко Рубио.
Венс не е единствениот републиканец кој веќе испраќа пораки во насока на претседателската трка во 2028 година. Гувернерот на Флорида, Рон Десантис, исто така ја коментираше изборната загуба, оценувајќи дека станува збор за еден од најтешките изборни удари за републиканците во изминатиот век. Тој предупреди дека последиците би можеле да се чувствуваат и во следната деценија.
Десантис, кој загуби од Трамп во републиканската трка за претседателска номинација во 2024 година, посочи дека партијата мора да ја преиспита својата иднина, а неговите изјави, како и оние на Венс, веќе се толкуваат низ призмата на претседателската трка во 2028 година.
Почеток на кампањата за политичкото наследство на Трамп
Според Си-ен-ен, изборниот пораз ги отвори прашањата за идното лидерство во Републиканската партија, а Венс со својата објава практично го означи почетокот на политичкото позиционирање за следните претседателски избори.
Сепак, Венс се соочува со политички ризик. Како потпретседател и дел од администрацијата, тој беше еден од бранителите на политиките на Трамп, па обидот сега да се дистанцира од нив може да предизвика сомнежи за неговата доследност и лојалност.
Трамп, од своја страна, призна дека војната со Иран влијаела врз изборниот резултат преку зголемувањето на цените на горивата, но порача дека повторно би ја донел истата одлука, бидејќи, според него, тоа било неопходно за да се спречи Иран да се здобие со нуклеарно оружје.
Со тоа, изборниот пораз на републиканците ја отвора и прашањето за идното лидерство во партијата, а Венс со своите последни пораки се обидува да се наметне како еден од главните актери во таа битка.
