Владејачката ВМРО-ДПМНЕ вчера обвини дека СДСМ создава паника и хаос во банкарскиот сектор со цел бизнисмен близок до партискиот лидер Венко Филипче и поранешниот премиер Зоран Заев да ги откупи акциите на Алта банка по ниска цена
Лидерот на СДСМ на денешната прес-конференција уште еднаш побара гувернерот на Народната банка да поднесе оставка и да не се обидува, како што рече, на несоодветен начин да се спаси себеси и премиерот Мицкоски. Додаде дека пратениците на СДСМ ја подготвуваат интерпелацијата за Славески, која ќе биде поднесена во следните денови
Смешни обиди за дефокус од страна на премиерот Христијан Мицкоски. Вака лидерот на СДСМ, Венко Филипче, ги оцени обвинувањата од ВМРО-ДПМНЕ – дека СДСМ создава паника во банкарскиот сектор со цел бизнисмен близок до Филипче и поранешниот премиер Зоран Заев да ги откупи акциите на Алта банка по ниска цена.

„Мицкоски мора да знае дека ваквите обиди за дефокус со неговата пропаганда, веќе не му поминуваат. Луѓето се свесни дека со ништо повеќе нема да може да дефокусира или да префрли вина на некој друг“,
изјави Филипче на денешната прес-конференција.
Ексклузивната одговорност за случувањата со Алта банка во земјава, според опозицискиот лидер, ја имаат премиерот и гувернерот на Народната банка, Трајко Славески, од кои побара да одговорат дали имале средби со сопственикот на српската Алта банка, Давор Мацура, дали тој доаѓал во земјава на приватни средби со својот приватен авион, како и дали со тој приватен авион некои други луѓе од тимот на премиерот патувале во Србија, како и дали имало трансфери на пари пред купувањето на Алта банка Битола.
„Ова се клучни прашања на кои доколку премиерот и гувернерот не одговорат сега пред јавноста и се обидуваат да дефокусираат, а тоа веќе не им поминува, ќе мора да одговорат пред други институции многу брзо“,
додаде Филипче.
Лидерот на СДСМ уште еднаш побара гувернерот на Народната банка да поднесе оставка и да не се обидува, како што рече, на несоодветен начин да се спаси себеси и премиерот Мицкоски. Додаде дека пратениците на СДСМ се во процес на подготовка на интерпелацијата за Трајко Славески, која ќе биде поднесена во следните денови.
Филипче обвини дека за сè што се случува, особено во изминатите денови, директно одговорни се премиерот Мицкоски и гувернерот Славески, кој, како што вели, имал обврска да знае кој е сопственик на банката која влегува во македонскиот финансиски пазар и каква е неговата репутација.
Од СДСМ оценуваат дека најавената продажба на акциите на Алта банка АД Битола не може да се реализира толку брзо колку што најавува гувернерот Славески, бидејќи одлуката треба да ја донесе Агенцијата за осигурување на депозитите во Србија, која управува со стечајот на Алта банка Белград. Според нив, процесот ќе трае подолго, особено поради сомнежите за финансиските трансакции и репутацијата на банката.
„Прашањето е како граѓаните сега можат да му веруваат на гувернерот дека ќе донесе некаква друга добра одлука за продажба на оваа банка, имајќи предвид каква лоша одлука донел кога Алта банка влегувала на нашиот пазар“,
рече Филипче на денешната прес-конференција.
Владејачката ВМРО-ДПМНЕ вчера го обвини СДСМ дека врши притисок врз Народната банка и Алта банка и создава паника и хаос во банкарскиот сектор со цел бизнисмен близок до партискиот лидер Венко Филипче и поранешниот премиер Зоран Заев да ги откупи акциите на банката по ниска цена.
